Најдолговечните луѓе во светот живеат во таканаречените сини зони. Постојат пет сини зони: италијанскиот остров Сардинија, јапонскиот остров Окинава, грчкиот остров Икарија, полуостровот Никоја во Костарика и калифорнискиот град Лома Линда.
Во споменатите места не само што најголем број од луѓето живеат над 100 години, туку има и групи на луѓе кои остареле без поголеми здравствени проблеми.
Истражувањето на Ден Бутнер, кој прв ги идентификуваше сините зони, покажа дека нивната долговечност се должи на неколку фактори – од позитивен поглед на животот и мала количина на дневен стрес, до чист воздух, редовно вежбање и квалитетна храна.
Исхраната на најдолговечните луѓе во сините зони главно е од растително потекло. Околу 95 отсто од храната се состои од зеленчук, овошје, житарки, грашок, јаткасти плодови и семки.
Во нивните јадења може да се најдат месо, риба, јајца и млечни производи, но во помали количини. Тие обично претставуваат само околу пет проценти од храната.
Најдолговечните луѓе во сините зони не се прејадуваат. Јадат месо околу еднаш неделно и не консумираат салама, виршли и слични преработени производи, а претпочитаат органски одгледано пилешко, свинско и јагнешко месо.
Тие обично јадат порција месо со големина на тупаница и не јадат обработена храна.
Рибата е важен дел од нивната исхрана, а нивното мени вклучува сардина, пастрмка, ослиќ и слични видови, неколку пати неделно. Неколку пати неделно, тие исто така јадат помали количини производи од козјо и од овчо млеко, како сирење и јогурт, како и по едно јајце секој втор ден.
Во нивните чинии никогаш нема да се најде индустриски обработена храна. Ако ја погледнете декларацијата на производот и не ги препознавате состојките или етикетата, тоа е вид на производ што го избегнуваат најздравите луѓе во светот.