Поранешниот премиер на Норвешка, Торбјорн Јагланд (75), е примен во болница, потврди неговиот адвокат. Според него, хоспитализацијата е последица на силниот стрес на кој бил изложен Јагланд по откритијата за неговите врски со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Адвокатот истовремено ги демантираше медиумските наводи дека Јагланд се обидел да изврши самоубиство. Неколку норвешки медиуми објавија такви тврдења, но одбраната категорично ги отфрли.
Истрага за тешка корупција
На крајот на јануари беше откриено дека Јагланд имал значително пообемни контакти со Епстајн отколку што претходно тврдеше. Нивната комуникација опфаќала размена на голем број пораки и повеќе средби во периодот од 2011 до 2019 година. Во тој период, Јагланд беше генерален секретар на Совет на Европа и претседател на Норвешкиот Нобелов комитет.
Норвешката агенција за борба против економски и еколошки криминал,на 12 февруари изврши претрес во неговиот дом, викенд-куќа и планинска резиденција. Обвинителството се сомнева дека Јагланд примал мито од Епстајн во форма на подароци или услуги додека бил на чело на Советот на Европа, но засега не е прецизирано што наводно требало да обезбеди за возврат.
Според медиумските извештаи, нивниот однос вклучувал престои на Јагланд во луксузните станови на Епстајн во Париз и Њујорк, како и посети на Епстајн во неговата резиденција во Стразбур. Јагланд, наводно, побарал и финансиска помош од Епстајн за купување стан во Осло.
Претходно, Јагланд ја опиша оваа врска како дел од „вообичаени дипломатски активности“, но подоцна изјави дека никогаш не би стапил во контакт со Епстајн доколку го знаел она што денес е познато за него, признавајќи лоша проценка.
Покрај Јагланд,Ококрим покрена обвиненија за учество во тешка корупција и против брачниот пар Терје Ларсен и Мона Јул, исто така поради контакти со Епстајн. Сите тројца ги негираат обвинувањата.
Јагланд преку својот адвокат порача дека сака целосно да придонесе за расветлување на случајот, додека истрагата продолжува и предизвикува силни реакции во норвешката јавност.