Речиси 170 жени биле нападнати од машки затвореници за време на бегството, според внатрешен документ на Обединетите Нации. Во извештајот се наведува дека повеќето жени биле убиени откако затворениците го запалиле затворот, пренесува Би-би-си.
Гома, голем град со повеќе од милион жители, падна под контрола на бунтовниците откако групата М23 поддржана од Руанда започна брза офанзива низ источниот дел на ДР Конго. Во градот владее хаос, тела лежат на улиците, а проектили наводно летале над куќите.
ОН соопштија дека најмалку 2.900 луѓе биле убиени за време на борбите, 2.000 тела биле закопани, а уште 900 се наоѓаат во градските мртовечници.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2025/02/1000045740-1024x682.jpg)
Претходно оваа недела, бунтовниците објавија прекин на огнот од хуманитарни причини. Сепак, М23 започна нова офанзива во средата, при што наводно е заземен рударскиот град Нјабибве.
Инаку, во Гома, каде што жителите се прилагодуваат на животот под контрола на М23, расте стравот од епидемија на колера.
Стефан Гетгбуер, регионален шеф на хуманитарната организација Лекари без граници, вели: „Пристапот до вода е прекинат со денови, телата лежат на улиците, а болестите што се пренесуваат преку вода, како што е колерата се сериозна закана. Некои од нашите центри за третман на колера се полни и моравме да ги прошириме“.