Украинското Министерство за енергетика соопшти дека на нуклеарната електрана во Чернобил настанала вонредна ситуација откако била погодена трафостаница во Киевската област.
Поради тоа дошло до целосен прекин на електричното снабдување, соопштија украинските власти.
Саркофагот останал без струја
„Поради ненадејни осцилации во напонот, без електрична енергија остана Новиот безбедносен ковчег – клучниот објект што го изолира уништениот четврти реактор и спречува ослободување на радиоактивни материи во животната средина“, наведува Министерството за енергетика на Украина.
Масиовни прекини и во други области
Градот Славутич и делови од Черниговската област останале без струја, потврди градоначалникот Јуриј Фомичев. Прекини во снабдувањето биле регистрирани и во Харковската, Дњепропетровската и Сумската област.
На видеа објавени на социјалните мрежи се гледаат удари врз енергетски објекти, проследени со карактеристични сини блесоци.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека целите на нападите биле исклучиво воени и енергетски објекти на Украина.
Контекст: Притисок врз украинската енергетска мрежа
Инцидентот во Чернобил се случува во време кога Запорожката нуклеарна електрана веќе осум дена работи на дизел-генератори, поради украински напади врз далекуводи што ја снабдуваат.
Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, претходно предупреди дека ситуацијата во Запорожје е „критична“.
Ажурирано: Напојувањето во Чернобил обновено
Во ажурирано соопштение, МААЕ наведе дека прекинот во Чернобил настанал поради губење на приклучокот на 330-киловолтната далекуводна линија на подстаницата во Славутич.
Објектот бил брзо префрлен на алтернативен извор на напојување, и снабдувањето со струја во меѓувреме е обновено.