Хорор во автобус во Швајцарија: шестмина загинати откако маж се запалил и предизвикал пожар

Шест лица загинаа, а пет се повредени во пожар што избувна во автобус на линија меѓу Дидинген и Керцерс во Швајцарија. Полицијата истражува дали маж намерно го предизвикал пожарот.

Најмалку шест лица загинаа, а пет се повредени во пожар што зафати автобус на линијата меѓу Дидинген и Керцерс, во кантонот Фрибург во Швајцарија, соопшти полицијата.

Од Кантоналната полиција на Фрибург информираа дека меѓу повредените има четворица патници од автобусот и едно лице кое учествувало во давањето помош.

Тројца повредени се пренесени во болница со возила на итната помош, додека две лица биле згрижени на самото место.

Во интервенцијата учествувале девет амбулантни возила, како и хеликоптер на швајцарската служба за спасување Рега.

Пожарот избувнал во автобус кој сообраќал на линијата од Дидинген кон Керцерс, а инцидентот се случил недалеку од последната станица, на улицата Муртенштрасе во Керцерс.

Полицијата соопшти дека идентитетите на повредените се утврдени, додека жртвите кои загинале сè уште не се идентификувани, пренесува швајцарскиот весник Блик.

Истрагата за случајот ја води Обвинителството на кантонот Фрибург, додека полицијата врши увид на местото на настанот. Според првичните информации, постои можност пожарот да бил намерно предизвикан, односно да станува збор за „свесен чин“ на едно лице, но околностите сè уште не се целосно разјаснети.

Полицијата потврди дека добила информација оти едно лице во автобусот можеби се полеало со бензин пред да избувне пожарот, но нагласува дека таа информација засега не е потврдена. На прашањето дали станува збор за можен терористички напад, од полицијата изјавиле дека е прерано за такви заклучоци.

Засега нема официјални информации каде се наоѓа лицето кое би можело да биде одговорно за избувнувањето на пожарот, ниту дали се наоѓа меѓу загинатите или повредените.

Полицијата соопшти дека во моментов нема индикации дека постои опасност за пошироката јавност.

Според снимките и фотографиите од очевидци, пламенот што го зафатил автобусот бил висок неколку метри, а густ чад се гледал на километри оддалеченост. Кога пожарникарите пристигнале на местото на несреќата, од автобусот, како што сведочат присутните, останала само целосно изгорена конструкција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни