Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје како организација која 26 години работи во областа на зависности од дроги и креирање на политики и програми за превенција, лекување, реинтеграција и намалување на штети од употреба на дроги ја поздравува посветеноста на Владата на Република Северна Македонија за прашањата поврзани со употребата на дроги и што оваа тема е дел од политиките кои актуелната Влада започнува да ги реализира.
„Сметаме дека тоа е позитивен сигнал за подобрување на ситуацијата со употребата на дроги како и креирање на соодветни програми кои ќе помогнат во таа насока“, пишува во соопштението на ХОПС.
Минатата недела на предлог на постоечкото мнозинство Собранието ги усвои измените на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир со кои се воведе парична казна во висина од 100 до 250 евра за поседување на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори за лична употреба.
Предлагачот наведува дека “Предметната измена, од една страна ќе овозможи санкционирање на сторителите кои поседуваат наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, а од друга страна може позитивно да влијае на рецидивистите на овој вид на прекршок, посебно во одвраќање на нивната намера да поседуваат ваков тип на дроги, супстанци и прекурзори, со што ќе се зајакне и залагањето на правосудните органи во борбата против овој вид на криминал”.
ХОПС смета дека наведените причини за промена на законот не соодвестуваат со праксата и во услови кога не постојат програми за лекување на малолетници кои употребуваат дроги сега истите тие малолетници ќе бидат казнувани. Сметаме дека наместо казнување на лицата кои поседуваат дроги за лична употреба потребно е да се спроведуваат соодветни програми за превенција од употреба на дроги како и отворање на програми за лекување и интеграција на овие наши сограѓани. Имено, зависноста од дроги е болест на зависност како и зависноста од алкохол, тутун, одреден вид на храна и одредени однесувања (играње на игри за обложување) и како што не ги казнуваме овие лица така не треба да се казнуваат и зависниците од дроги. Овие лица секојдневно се соочуват со различни видови на проблеми поврзани со зависноста и затоа е потребно да им помогнеме да ги решат тие проблеми, а не да ги казнуваме. Дополнително сите светски искуства потврдуваат дека казнената политика не влијае на тоа дали некој ќе употребува дроги или нема да употребува. Сметаме дека борбата против дрогите не треба да биде врз грбот на лицата кои употребуваат дроги и се зависни од истите. Не треба да биде врз жртвите на криминалот на трговијата со дроги. Како што наведуваат Обединети нации потребно е промена на политиката кон дрогите и наместо казнени мерки треба да се воведат програми базирани на докази. Затоа предлагаме најпрво да се развијат соодветни програми за превенција од употреба на дроги со кои ќе се намали стапката на употреба на дроги пред се кај малолетниците, како и да се отворат соодветни програми за лекување на зависноста кај малолетниците и нивна интеграција во општеството. Само на тој начин можеме да постигнеме позитивни резултати и намалување на употребата на дрогите.
ХОПС – Опции за здрав живот Скопје со својата експертиза стои на располагање заеднички со Владата да ги креираме овие програми базирани на докази како и промените во законската регулатива кои ќе бидат во насока на нивно успешно спроведување.