Холандската Партија за животните (ПВДД), чија примарна заложба е заштита на правата на животните и на животната средина, во својата програма за ноемвриските предвремени парламентарни избори во Холандија предлага бројот на добиток во земјата да се намали за 75 отсто со цел да се намалат емисиите на гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.
„Сточарската индустрија е еден од најголемите емитери на стакленички гасови и причина за кризата во природата. Тоа доведува до загадување на нашите подземни води, нарушување на здравјето на локалните жители, губење на плодни површини, уништување на шумите и го зголемува ризик од нова пандемија“, се вели во партиската програма на ПВДД.
Според партијата, со намалување на сточниот фонд за 75 отсто „сите овие проблеми ќе се решат истовремено“.
Согласно регулативите на ЕУ, Холандија е обврзана да ги намали емисиите на азот, за што властите во Хаг со години апелираат до сточарите за намалување на нивниот сточен фонд, но засега без резултати.
Холандската Влада во мај предложи бројот на грла добиток да се намали на 2,5 до 3 на хектар, што беше отфрлено од страна на сточарите и резултираше со прекин на преговорите меѓу властите и сточарските здруженија. Ваквиот предлог би значел намалување на сточниот фонд во Холандија за 25 до 30 отсто, што е многу помалку од радикалниот предлог на ПВДД.
Инаку, меѓу другото, во изборната програма на Партијата за животните се предлага и формирање на Министерство за клима и биодиверзитет, како и одземање на лиценците за работа на компаниите големи загадувачи на животната средина.
Извор: agrotim.mk