Холандија донесе историска и долгоочекувана одлука: од новогодишната ноќ 2026–2027 целосно се забрануваат огнометите со среден и висок ризик, со што земјата станува една од првите во Европа која прави јасен пресврт кон побезбедни и поодржливи прослави.
Одлуката е резултат на долгогодишни притисоци од ветеринарни здруженија, еколошки организации и локални власти, кои со години укажуваат на последиците кои новогодишните огномети ги оставаат врз животната средина и јавното здравје.
Според податоците од холандските служби 30% повеќе миленици исчезнуваат околу празниците, бегајќи во паника од силните детонации. Огнометите предизвикуваат силен стрес кај кучињата, мачките, добитокот и градските птици, кои честопати се повредуваат или умираат поради дезориентација.
Воздухот во првите часови од новата година е контаминиран со тешки метали и PM10 честички, достигнувајќи нивоа повисоки од индустриските зони. Секоја година се бележат над 1.000 повредени луѓе, меѓу кои и деца, поради неправилно ракување или дефектни пиротехнички средства.
Сите овие индикатори ја засилија јавната поддршка за ограничување на пиротехниката. За многумина, одлуката е логичен чекор – празниците треба да бидат радост, а не извор на страв и ризик.
Холандската влада најави дека ќе се стимулираат тишки, светлосни и еколошки алтернативи, кои нудат празнична атмосфера без штетните последици на традиционалните огномети.
Одлуката испраќа јасна порака: животните, природата и здравјето на граѓаните конечно доаѓаат на прво место.
