Холандија официјално ѝ врати на Египет камена скулптура стара околу 3.500 години, откако беше утврдено дека артефактот бил ограбен и нелегално изнесен од земјата. Скулптурата повторно се појавила на уметнички саем во Холандија во 2022 година, по што била запленета и предмет на истрага, јавува Ројтерс.
Истрагата спроведена од холандската полиција и Инспекторатот за културно наследство во 2025 година потврдила дека скулптурата била ограбена и незаконски изнесена од Египет, најверојатно за време на немирите поврзани со Арапската пролет во 2011 година. Потоа, артефактот завршил на меѓународниот пазар на уметнини, каде што повторно бил забележан повеќе од една деценија подоцна.
Според експертите, скулптурата потекнува од Луксор, на југот на земјата. Станува збор за камена глава која првично била дел од т.н. блок-скулптура и прикажува висок државен функционер од времето на владеењето на фараонот Тутмос III (1479–1425 година п.н.е.).
Скулптурата била запленета во 2022 година на уметнички саем во холандскиот град Мастрихт. Трговецот со уметнини „Sycomore Ancient Art“, кој го поседувал артефактот, изразил сомнежи околу неговото потекло и доброволно го предал на властите по завршувањето на истрагата.
При официјалното предавање, холандскиот министер за култура изјави дека враќањето на ограбеното културно наследство е принципиелна политика на земјата. „Нашата практика е да го вратиме она што не ни припаѓа и тоа секогаш да го направиме во корист на вистинската културна заедница или држава“, истакна тој.
Египетскиот амбасадор Емад Хана нагласи дека Египет внимателно ги следи артефактите што се појавуваат на изложби и аукции низ светот. Според него, ваквите враќања имаат големо значење не само за културното наследство, туку и за туризмот и економијата, бидејќи автентичните артефакти се клучна причина зошто туристите го посетуваат Египет.
