Холандија сврти нова страница: Граѓаните рекоа „НЕ“ на крајната десница

Холандија влегува во ново политичко поглавје – граѓаните гласаа против крајната десница, а либералите од D66 го преземаат водството.

Се чини дека следната холандска влада ќе биде формирана без учество на крајната десница, откако десничарската партија на Герт Вилдерс претрпе значителен пораз на изборите одржани во средата, а либералната партија D66 доби зголемена поддршка.

Според 98% од преброените гласови, во четвртокот двете партии – D66 и Вилдерсовата PVV – беа изедначени, со проекции кои покажуваат дека ќе освојат по 26 места во долниот дом на парламентот, кој има вкупно 150 пратеници.

Сите умерени партии одбија да влезат во коалиција со Вилдерс, откако тој ја урна претходната влада предводена од својата партија. Тоа практично му ја одзема можноста да формира мнозинство, пренесува Ројтерс.

„Победа над политиката на стравот и поделбите“

Лидерот на D66, Роб Јетен, во изборниот штаб изјави дека резултатите покажуваат дека „е можно да се победи популизмот и екстремната десница“.

„Милиони Холанѓани денес свртеа нова страница и се збогуваа со политиката на негативност, омраза и бескрајното ‘ние не можеме’“, рече Јетен.

За Герт Вилдерс, овие резултати претставуваат голем пораз – неговата Партија за слобода (PVV) во претходниот состав на парламентот имаше 37 пратеници.

Политички сигнал за Европа

Изборите во Холандија се сметаа за важен тест за влијанието на крајната десница во Европа.
Резултатите, според аналитичарите, може да се протолкуваат како знак дека интересот на европските гласачи за екстремистичките движења е во опаѓање.

Во Холандија, мандатот за составување влада традиционално го добива партијата со најмногу освоени гласови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни