Холандија ќе ѝ врати на Египет скулптура стара 3.500 години, украдена по Арапската пролет

Артефактот, кој прикажува висок египетски службеник од времето на фараонот Тутмос III, беше запленет на саем за уметност во Маастрихт, а холандската влада потврди дека ќе го врати до крајот на годината.
Photo: Amr Nabil

Холандија ќе врати на Египет античка скулптура стара околу 3.500 години, која се појави на саем за уметност во Маастрихт, изјави премиерот Дик Шоф за време на официјалната посета на Каиро, каде се сретна со претседателот Абдел Фатах ел-Сиси.

Се верува дека делото, кое прикажува висок државен службеник од времето на фараонот Тутмос III (1479–1425 г. пр.н.е.), било украдено и нелегално изнесено од Египет, најверојатно за време на немирите по Арапската пролет во 2011 година. По кражбата, артефактот се појавил на меѓународниот пазар за уметнини.

„Историскиот и културен артефакт беше запленет на холандскиот саем за уметност во Маастрихт во 2022 година,“ изјави Шоф, додавајќи дека властите реагирале по анонимна дојава за неговото нелегално потекло.

Истражувањето на холандската полиција и Инспекторатот за културно наследство потврдило дека скулптурата била ограбена и незаконски извезена од Египет. Продавачот кој ја поседувал делото, откако бил соочен со доказите, доброволно ја предал по завршувањето на истрагата.

Според соопштението на холандската влада, скулптурата ќе биде предадена на египетскиот амбасадор во Хаг до крајот на оваа година, иако точниот датум сè уште не е утврден.

Овој случај претставува уште еден чекор во меѓународната практика на враќање на ограбени културни богатства, откако во последните години повеќе европски музеи – меѓу кои и Британскиот и Лувр – беа повикани да ги вратат предметите изнесени од колонијалните ери.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни