Неодамнешниот наплив на респираторни инфекции низ северна Кина и другите делови на Азија предизвика бран на страв и дезинформации на социјалните мрежи и во вестите кои сугерираат дека друга пандемија слична на КОВИД-19 може да биде неизбежна.
Кина, наводно, се справува со наплив на респираторна инфекција слична на грип, чии симптоми вклучуваат кашлање, треска, назална конгестија и отежнато дишење, предизвикани од човечки метапневмовирус или HMPV.
Здравствените власти во Малезија, Индија, Казахстан и на други места, исто така, забележаа случаи на ХМПВ.
Видеото кое прикажува болница во Кина преполна со поединци кои очигледно страдаат од респираторни заболувања стана вирално на социјалните мрежи, оживувајќи ги стравовите од пандемијата.
На 5 јануари, индиската телевизија емитуваше извештај во кој беше вклучено болничкото видео со графичко преклопување на кое се вели: „Избувнувањето на вирусот предизвикува закана од епидемија“.
Станицата објави дека Кина повторно се соочува со „закана слична на КОВИД“, велејќи: „Се сугерираше дека мистериозниот метапневмовирус разболува стотици луѓе“.
Тој извештај цитира непотврдени тврдења на социјалните мрежи дека болниците и гробиштата во Кина „се преоптоварени“.
Извештајот покажа графички модел на вирусот SARS-CoV-2, кој предизвикува КOVID-19, како лебди над картата на Кина. Текстот што ја придружува таа графика гласеше: „Нов кинески вирус?“
Освен телевизискиот прилог, индиската телевизија го објави тој извештај на X на своите 6,2 милиони следбеници и на YouTube на своите речиси 10 милиони претплатници.
Насловот што ги придружува тие објави на социјалните мрежи вели: „Мистериозен вирус HMPV пријавен во Кина! Дали епидемијата на ХМПВ може да се прошири во Индија?“
Тврдењата на индиската телевизија дека HMPV е мистериозен вирус или шпекулациите дека нов вирус можеби се појавил од Кина се лажни.
HMPV е добро познат вирус кој е откриен во 2001 година во Холандија, и припаѓа на семејството на вируси Pneumoviridae, кое вклучува респираторен синцицијален вирус, попознат како RSV.
Светската здравствена организација вели дека повеќето случаи на ХМПВ се благи, со симптоми слични на обичната настинка.
„Нема ‘мистериозна болест’ која кружи во Кина во овој момент“, изјавија од прес-службата на СЗО за Гласот на Америка во писмен коментар.
Поради стравувањата од „новиот кинески вирус“ во Индија, министерот за здравство Јагат Пракаш Нада ѝ кажа на јавноста на 6 јануари дека „ХМПВ не е нов вирус“.
„Нема причина за загриженост. Внимателно ја следиме ситуацијата“, рече тој.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести вели дека ХМПВ е најактивен кон крајот на зимата и пролетта и може „истовремено да циркулира за време на сезоната на респираторни вируси“ со РСВ и грип.
Американскиот медиум Нексстар објави дека ЦДЦ ги следи извештаите за порастот на случаите на ХМПВ во Кина, цитирајќи го портпаролот на агенцијата.
„ЦДЦ е свесен за пријавените зголемувања на ХМПВ во Кина и е во редовен контакт со меѓународните партнери и ги следи извештаите за зголемена заразност“, рече портпаролот.
Податоците од Националниот систем за надгледување на респираторните и ентеричните вируси на ЦДЦ, кој ја следи вирусната активност во Соединетите Американски Држави, покажуваат дека случаите на ХМПВ се во пораст во САД од 2 ноември, но остануваат блиску до типичните нивоа „пред пандемијата“.
Сличен модел се појави и во Кина.
Кинескиот центар за контрола и превенција на болести на 2 јануари објави дека има зголемување од месец во месец на акутни респираторни инфекции, вклучувајќи сезонски грип, респираторен синцицијален вирус и ХМПВ.
Такво зголемување „се очекува за овој период од годината“ во текот на зимата на северната хемисфера. Покрај тоа, пријавениот степен на активност на грип во Кина е „помал од истиот период минатата година“, изјавија од СЗО.
Кинескиот државен Чајна Дејли објави на 27 декември дека случаите на инфекции со ХМПВ и риновирус, доминантна причина за обичната настинка, се зголемени кај малите деца на возраст од 4 години и кај децата на возраст од 14 години и помали.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прашањето за видеото од лица кои страдаат од грип што кружи на социјалните мрежи, рече: „Болестите се чини дека се помалку тешки и се шират во помал обем во споредба со претходната година“.
Сепак, д-р Сањаја Сенајаке, специјалист за заразни болести и вонреден професор по медицина на Австралискиот национален универзитет, изјави за британскиот онлајн весник Independent дека е „витално“ за Кина да ги сподели податоците за инфекцијата за ХМПВ „навремено“.
Кина постојано се соочуваше со обвинувања за одбивање да сподели необработени податоци за првичната појава на коронавирус и критики дека неподготвеноста на Пекинг да ги објави тие информации ги попречува напорите да се спречат идни епидемии.
Пекинг ги отфрли обвинувањата дека не споделил информации за вирусот навремено или отворено.
На 31 декември, пет години откако беше пријавен новиот коронавирус во Вухан, Кина, СЗО уште еднаш го повика Пекинг „да сподели податоци и пристап за да можеме да го разбереме потеклото на КОВИД-19“.
Извор: Гласот на Америка