Организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч соопшти дека израелската војска незаконски погодила село во јужен Либан со артилериски гранати кои содржат бел фосфор,контроверзна запалива супстанца.
Според организацијата, преку геолокација и проверка на седум фотографии било утврдено дека израелската артилерија употребила бел фосфор во населени делови на селото Јохмор во јужен Либан.
Инцидентот се случил неколку часа откако израелската војска ги предупредила жителите на тоа село, како и на десетици други населени места во јужен Либан, да се евакуираат.
Хјуман Рајтс Воч наведува дека не можела независно да потврди дали во моментот на нападот во селото сè уште имало жители или дали некој бил повреден.
Израелската војска засега не дала официјален коментар. Во минатото израелските власти тврдеа дека бел фосфор се користи исклучиво за создавање димна завеса, а не за напади врз цивили.
Активистите за човекови права нагласуваат дека употребата на бел фосфор е забранета според меѓународното право кога се користи во населени области.
Оваа супстанца може да предизвика пожари во згради и тешки изгореници на човечкото тело, дури и до коските. Преживеаните се изложени на ризик од инфекции, откажување на органи и сериозни проблеми со дишењето, дури и ако изгорениците се релативно мали.
„Незаконската употреба на бел фосфор од страна на израелската војска врз населени области е крајно загрижувачка и може да има сериозни последици за цивилите“, изјави Рамзи Каис, истражувач за Либан во Хјуман Рајтс Воч.
Организации како Хјуман Рајтс Воч и Амнести Интернешнал претходно предупредија дека ова оружје било користено и за време на последниот конфликт меѓу Израел и Хезболах пред повеќе од една година, кога напади со бел фосфор биле регистрирани на повеќе локации во јужен Либан додека цивили сè уште биле присутни.