Меѓународниот поредок заснован на правила се наоѓа во сериозна криза, а глобалниот систем за заштита на човековите права е директно загрозен, се наведува во „Светскиот извештај за 2026 година“ на Human Rights Watch(HRW). Во извештајот, кој опфаќа состојби во повеќе од 100 земји, се оценува дека демократиите кои сè уште ги почитуваат човековите права треба да формираат стратешки сојуз за да го зачуваат меѓународниот поредок, кој, според организацијата, е под силен притисок од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како и од политиките на Кина и Русија.
Извршниот директор на HRW, Филип Болопион, во воведот на извештајот предупредува дека „глобалниот систем на човекови права е во опасност“, додавајќи дека постојаното поткопување на меѓународните правила може да ја повлече со себе и целата архитектура на заштита на слободите и правата, изградена со децении.
Критика на американската внатрешна и надворешна политика
Според Болопион, Трамп го нарушил довербата во изборниот процес, ја намалил одговорноста на власта и ја нападнал независноста на судството, вклучително и преку игнорирање судски одлуки. Во извештајот се наведува и укинување на помош за храна и здравствена заштита, ограничување на правата на жените, попречување на пристапот до абортус и нарушување на правото на приватност.
HRW оценува дека администрацијата на Трамп ја користела власта за заплашување на политички противници, медиуми, адвокати, универзитети, организации на граѓанското општество, па дури и јавни личности од културната сфера. На надворешен план, се наведува дека американската политика се оддалечила од меѓународните обврски за човекови права, со нагло суспендирање на странската помош и повлекување од клучни меѓународни механизми, меѓу кои и Советот на ОН за човекови права и Парискиот климатски договор.
Меѓународни конфликти и нееднаква осуда
Во извештајот се посочува дека слабеењето на мултилатералните институции има сериозни последици за глобалните напори за спречување и санкционирање на тешки меѓународни злосторства, при што под зголемен притисок се наоѓа и Меѓународниот кривичен суд.
HRW тврди дека на окупираната палестинска територија израелските вооружени сили извршиле дела кои организацијата ги квалификува како геноцид, етничко чистење и злосторства против човештвото, со над 70.000 убиени по нападот на Хамас врз Израел во октомври 2023 година. Овие тврдења, како што се наведува, наишле на нееднаква меѓународна реакција, додека САД продолжиле со политика на речиси безусловна поддршка за Израел, дури и додека Меѓународниот суд на правдата ги разгледува обвиненијата за геноцид.
Во контекст на Украина, HRW оценува дека Трамп, во обидите да постигне мир, ја минимизирал одговорноста на Русија за сериозни прекршувања на меѓународното право, наместо да изврши притисок врз рускиот претседател за запирање на злосторствата. Во извештајот се спомнува и јавната критика кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, барањата за договори за експлоатација на минерали и притисоците Украина да се откаже од делови од својата територија.
Повик за нов глобален сојуз
Болопион оценува дека многу држави се воздржуваат од поостра реакција поради страв од конфронтација со САД и Кина, но дека обединети би можеле да станат значаен политички и економски блок. Според HRW, таков сојуз треба да ги вклучи и земјите со несовршени резултати во областа на човековите права, бидејќи мултилатералниот поредок никогаш не бил исклучива привилегија на најмоќните демократии.
Организацијата предлага нови трговски и безбедносни аранжмани, условени со почитување на демократијата и човековите права, како и координиран настап во Обединетите нации за заштита на интегритетот на механизмите за човекови права.
„Спротивставувањето на авторитарниот бран и одбраната на човековите права е генерациски предизвик“, заклучува Болопион, оценувајќи дека 2026 година ќе биде клучна, особено во САД, со далекусежни последици за целиот свет.
