ХИВ/СИДА во Македонија: 38 новодијагностицирани во 2025, глобално 630.000 смртни случаи

Иако бројките во Македонија се стабилни и релативно ниски, растот во последните пет години покажува дека борбата против ХИВ не е завршена – и бара внимателност, информираност и здрава јавноздравствена политика

Во Македонија во текот на 2025 година се регистрирани 38 нови случаи на ХИВ/СИДА, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Заклучно со 27 ноември, ова претставува инциденца од 2,1 случаи на 100.000 жители, што ја позиционира земјата под европскиот просек. За споредба, инциденцата во земјите на ЕУ и ЕЕА во 2024 година достигнала 5,3 на 100.000 жители.

Бројот на нови инфекции во земјава е намален за 25,5% во однос на истиот период минатата година, кога беа регистрирани 51 случај. Иако овој пад е позитивен показател, експертите предупредуваат дека е потребно долгорочно следење, бидејќи бројките често варираат од година во година и зависат од повеќе фактори – од ниво на тестирање, до пристапот до превентивни услуги.

Најмногу случаи во Скопје, доминира машката популација

Од новите 38 случаи, 15 се со место на живеење во Скопје, што го прави главниот град најпогодена област. Останатите случаи се бележат како спорадични во 14 различни градови низ земјата. Еден од регистрираните случаи е од странски државјанин.

Демографската слика останува слична како во претходните години: 37 новодијагностицирани се мажи, а само едно лице е женско. Просечната возраст изнесува 35 години, а најмногу случаи има меѓу 20 и 39 години, што претставува 73,7% од сите нови инфекции.

Оваа старосна група важи за најсексуално активна, што е во согласност со трендовите и во Европа и во светот.

Во истата година се регистрирани и осум смртни случаи поврзани со СИДА, што укажува дека дел од дијагнозите и натаму се поставуваат во доцна фаза на болеста, кога третманот има ограничена ефикасност.

МСМ-популацијата и понатаму најпогодена

Поголемиот дел од новите случаи и во 2025 година се поврзани со сексуален пренос. Од лицата за кои е достапен податок за начинот на трансмисија: 29 случаи се кај мажи кои имаат секс со мажи (МСМ), 5 случаи се поврзани со хетеросексуален контакт

Ова ја следи епидемиолошката слика во регионот и Европа, каде МСМ-популацијата е најпогодена и останува приоритет во превентивните програми.

726 случаи во Македонија од 1987 до 2025

Од првиот регистриран случај во 1987 година до денес, во земјата се дијагностицирани 726 лица со ХИВ или СИДА. Македонија официјално важи за земја со ниска преваленца, но загрижувачки е што 32% од сите случаи се дијагностицирани само во последните пет години. Овој податок укажува на потреба од засилени превентивни кампањи, достапно тестирање и поактивна работа со ранливите групи.

Во целиот период, 655 случаи се кај мажи, додека кај жени се регистрирани 70 случаи. Истовремено, од вкупниот број дијагностицирани, 138 лица починале од СИДА, што претставува смртност од околу 18%.

Со воведувањето на современата антиретровирусна терапија (АРТ), смртноста значително се намалила. Во последните 10 години, од 447 дијагностицирани, починале 33 лица – што претставува смртност од само 7,4%, што е во согласност со светските трендови.

Глобалната слика: милиони луѓе живеат со ХИВ

Додека Македонија бележи релативно ниски бројки, глобалниот товар од ХИВ/СИДА останува огромен. Според последните светски процени за 2024 година, на планетава живеат 40,8 милиони луѓе со ХИВ. Повеќе од 65% од нив се во африканскиот регион, кој останува најпогодениот дел од светот.

Минатата година 1,3 милиони луѓе се заразиле со ХИВ, a околу 630.000 починале од причини поврзани со ХИВ или СИДА.

Од почетокот на пандемијата до денес, 44,1 милиони луѓе во светот починале од СИДА, што ја прави оваа епидемија една од најразорните во поновата човечка историја.

Иако ХИВ сè уште нема лек, современите третмани овозможуваат лицата што живеат со вирусот да водат долг и здрав живот. Со навремено започната терапија, вирусното оптоварување може да се намали до „недетектирано“, што значи дека инфекцијата не се пренесува сексуално – принцип познат како U=U (Undetectable = Untransmittable).

Повик за продолжена борба и солидарност

Светската здравствена организација годинава го одбележува Светскиот ден за борба против СИДА под мотото „Надминување на нарушувањата, трансформирање на одговорот кон СИДА“. Потребни се континуирани напори за тестирање, превенција, едукација, намалување на стигмата и осигурување дека секој има пристап до терапија.

Иако бројките во Македонија се стабилни и релативно ниски, растот во последните пет години покажува дека борбата против ХИВ не е завршена – и бара внимателност, информираност и здрава јавноздравствена политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни