Хитмејкерот Џекс Џонс ги носи своите хитови во Струмица на Get EXITed забавата на 7 септември

Номинацијата за Греми, повеќе од 40 милиони продадени плочи и милиони фанови кои секој месец ги слушаат неговите хитови на стриминг платформите, го носат името на Џекс Џонс (Jax Jones).

Лондонскиот диџеј и продуцент со мултиетничко потекло, еден од најбараните хитмејкери на денешницата, ќе настапи на 7 септември на Get EXITed журката, претворајќи го Градскиот парк во главна сцена на која Струмица ќе танцува до раните утрински часови.

Иако денеска го познаваме како светска ѕвезда чиј музички каталог брои милијарда стримови, патот до успехот за Џонс не беше ниту брз, ниту лесен. Неговиот музички развој започна на „open mic“ ноќите и во малите лондонски студија, а првиот голем успех го постигна во 2014 година со соработката со Дјук Думонт на хитот „I Got U“, кој му донесе номинација за Греми. Потоа следуваа светските хитови „Ocean Drive“, „You Don’t Know Me“ со Реј, „Instruction“ со Деми Ловато и Стефлон Дон, „Breathe“ со Ина Вродслен и виралниот „Out Out“ со Џоел Кори, Чарли Екс-Си-Екс и Савити. Со Еменикеј го потпиша носталгичниот денс сингл „Where Did You Go?“, кој ја потврди неговата позиција како автор кој владее и на подиумите, и на топ-листите.

Џонс стана синоним за модерен денс звук што спојува хаус и поп елементи, настапувајќи на големи фестивали, вклучително и два пати на фестивалот ЕГЗИТ – во 2018 и во 2022 година, кога неговиот диџеј сет беше оценет како ремек-дело. Меѓу неговите проекти се албумот „Snacks (Supersize)“, серијата синглови преточени во целина, како и „Europa“ со Мартин Солвеиг и хитот „All Day and Night“, како и соработката со Оли Александер на синглот „Play“.

Љубопитноста и подготвеноста да експериментира го одведоа и кон уникатни проекти, како музичкиот омаж на Покемон франшизата со песната „Phases“. Откако веќе го потврди своето име на светската сцена, Џонс основа и издавачка куќа – WUGD, заедно со менаџерот Ден Стејси. Името произлегува од фразата „What You Gonna Do“ и претставува охрабрување за нови талентирани музичари, на кои Џонс им нуди поддршка и шанса да бидат слушнати. Неговата лична приказна е врежана и во интимниот сингл „Me & My Guitar“, кој ја раскажува трансформацијата од младо момче кое чекори кон својот музички сон до зрел уметник.

На Get EXITed фестивалот во Струмица, Џекс Џонс ќе ја донесе својата музичка приказна на сцената во Големиот градски парк на 7 септември. Нему ќе му се придружат регионалната сензација Бејби Лазања и легендарните Бајага и Инструктори, а остатокот од програмата ќе биде објавен наскоро. Влезот на овој жанровски разновиден музички настан ќе биде бесплатен за сите посетители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни