Хипер женствена изложба „Кревки спомени“ во Скопје

Во Монтажната галерија во Паркот на Франкофонијата во Скопје на 12 јуни од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Кревки спомени“ на Марија Јаќовска.

„Изложбата претставува истражување на хипер-женствениот поглед, кој се пренесува преку меки и меланхолични композиции кои допираат до темите на љубовта, загубата и осаменоста. Употребата на детска естетика и пренаменети рамки за слики покриени со восок и украсени со разни тракатанци додаваат слој на кревкост и меморија на делата. Под влијание на Лана Дел Реј, Џејн Биркин, францускиот New Wave, Силвија Плат, Софија Копола и други влијанија, оваа изложба ги поканува гледачите во сонувачки и носталгичен свет на женски копнеж и нежност“, стои во најавата за изложбата.

Марија Јаќовска е студент на 4-та година студии на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, графички оддел. Воедно со графиката, ги истражува современите уметности, фотографијата и скулптурата.

Описот на делата кои моментално ги работи се графики изработени во комбиниран висок и длабок печат, обично прикажувајќи ѕвезди, срца или месечини. Ги комбинира овие форми манифестирани во детски стил на цртање со изглед на разиграна композиција, заедно со мултимедијален пристап кон обликување на рамките во кои што се ставени, за да добие дело кое е комбинација на скулптура, графика и слика. Има учествувано на повеќе групни изложби, од кои би се истакнало и освоеното второ место на изложбата „Драгутин Аврамовски-Гуте“, во 2022.

Инаку, изложбата е финансиски поддржана од Министерство за култура на РСМ и Центар за современи уметности, со логистичка поддршка – Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни