„Хинкеман“ утре во Сараево

Претставата „Хинкеман“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во процукција на независниот театар „Златен Елец“ во копрдодукција со фестивалот „МОТ“ од Скопје, утревечер(13.09) учествува на „Sarajevo Theatre Showcase“ во Сараево, Босна и Херцеговина.


Селекцијата на претставите за STS 2025 беше спроведена од независен селекциски комитет составен од Бека Вучо и Улрича Џонсон, во соработка со Андреј Носов. Комитетот ги разгледуваше кандидатурите пристигнати преку отворени повици, со акцент на оригиналноста, уметничката кохерентност, продукциската спремност и регионалниот и меѓународниот потенцијал на претставите.

„Хинкеман“ е работена според анти-воената и експресионистичка драма на Ернст Толер чија најголема инспирација бил актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество.

Во текстот на Толер се препознаваме и денес, а со тоа треба да се запрашаме дали воопшто нешто се менува во длабочината на човечкото однесување. Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. „Хинкеман“ е како огледало на нашето општество изградено на суровост, пари и предрасуди, а оние кои се различни на било кој начин, секогаш, во било кој историски контекст се исмејувани или отфрлени од толпата.

Во „Хинкеман“ играат: Бобан Алексоски, Надица Петрова, Филип Христовски, Ане Блажовски, Леонида Гулевска, Бранко Михајловски, Дритон Вејсели и Талија Настова. Музиката е на Лука Тошев, а рекламниот материјал на Бојана Цилевска.

Истата претстава следната недела во петок(19.09) ќе се изведе во Драмски Театар Скопје со почеток од 20 часот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни