„Хинкеман“ повторно на сцена – „Златен Елец“ слави пет години со моќна претстава во МКЦ!

Во сабота (22.02) со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје, независниот театар „Златен Елец“ ќе го прослави својот петгодишен јубилеј со изведба на моќната анти-воена драма „Хинкеман“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.

Претставата, која го отвори минатогодишниот фестивал „Млад Отворен Театар“, е базирана на делото Der deutsche Hinkemann (1923) на Ернст Толер и нуди силен критички поглед кон општествените неправди, војните и немилосрдните економски системи што ги маргинализираат најранливите. Главниот лик, Јуџин Хинкеман, воен ветеран оставен на милост и немилост на системот, ја симболизира суровата реалност на оние што општеството ги отфрла откако ќе ја изгубат „употребната вредност“.

Во претставата играат актерите Бобан Алексоски, Дритон Вејсели, Талија Настова/Надица Петрова, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, со оригинална музика на Лука Тошев. Претставата е копродукција со фестивалот „МОТ“, а неодамна имаше гостување и во Прилеп, каде што настапи пред преполна сала по повод 75-годишнината на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

Пет години независен театар – пет години уметничка борба

Основан во 2020 година од актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова, независниот театар „Златен Елец“ стана синоним за ангажиран и експериментален театар, со претстави кои отвораат важни теми и освојуваат бројни награди. Нивната претстава „Кенди“ беше прогласена за најдобра независна продукција на „МОТ 2023“, а во 2024 година ја освои главната награда на интернационалниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Србија. Дополнително, актерите и режисерите на „Златен Елец“ имаат добиено признанија на фестивали во Неготино, Тирана и Охрид.

Со постојана борба за уметничка слобода, нови проекти и интернационални гостувања, „Златен Елец“ и оваа година продолжува со силен репертоар, нови предизвици и инспиративни приказни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни