Хилари Клинтон денеска изјави пред Надзорниот одбор на Претставничкиот дом дека не се сеќава дека некогаш го запознала покојниот сексуален престапник Џефри Епстин и дека нема информации што би можела да ги сподели за неговите криминални активности.
„Не се сеќавам дека некогаш сум се сретнала со г. Епстајн. Никогаш не летав со неговиот авион, ниту го посетив неговиот остров, домови или канцеларии. Немам што да додадам на тоа“, рече Клинтон (78) во изјава пред Надзорниот одбор.
Таа и нејзиниот сопруг, поранешниот демократски претседател Бил Клинтон (79), првично одбиле да сведочат пред одборот, но попуштиле кога пратениците започнале постапка за непочитување на Конгресот.
Бил Клинтон треба да сведочи пред одборот утре. Претседателот на одборот, Џејмс Комер (републиканец од Кентаки), пред слушањето нагласи дека истрагата не е партиска акција против противничката на Трамп од претседателските избори во 2016 година и дека неколку демократи исто така ја поддржале потребата од сведочење на брачниот пар Клинтон.
„Во овој момент никој не ги обвинува Клинтонови за било какво дело“, додаде Комер, посочувајќи дека одборот ќе се обиде да добие повеќе информации за сите контакти што таа можеби ги имала со Епстајн, неговата вклученост во хуманитарните активности на Клинтонови, како и за евентуален контакт со затворената соработничка на Епстајн, Гислејн Мексвел.
Името и сликите на Бил Клинтон се споменуваат во документи поврзани со истрагите за Епстајн, но само споменувањето не значи ништо. Поранешниот претседател повеќепати ги негирал какви било незаконски активности поврзани со неговото познанство со Епстајн.
Позадина: Епстајн години раководел со мрежа на злоставување каде жртви биле десетици млади жени и малолетнички. Финансискиот магнат имал силни врски во високото американско општество и починал во својата ќелија во 2019 година, пред да биде осуден.