На прес конференцијата посветена на Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус, пораки упатија дел од стручните лица во земјава. Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК) Скопје проф. д-р Ирена Алексиоска-Папестиев истакна дека како промотор на најдобрите и најбезбедните здравствени политики, согласно стандардите на Светската здравствена организација, четврта година по ред Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство успешно го имплементира и спроведува медикаментозниот абортус, како најбезбеден начин за прекин на бременоста. Земајќи го неприкосновеното право на жената на сопствен избор, Клиниката за гинекологија и акушерство, со поддршка на Министерството за здравство и ХЕРА обезбедува квалитетни ресурси и услови, медикаментозниот абортус да биде избор на преку 80 % од пациентките подложени на прекин на бременоста. Таа дополни дека во светот една од најголемите причини за смртност кај мајките во светот се компликациите поврзани со нелегалните интервенции за прекин на бременоста, кои се крајно небезбедни за жената и затоа медикаментозниот абортус треба да биде лесно достапен и изведен согласно најдобрите светски стандарди.
Проф. д-р Глигор Тофоски специјалист гинеколог во ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство и претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари (МАГО) истакна дека легалноста на абортусот е еден од најважните параметри, а дека од 2019 Република Северна Македонија располага со Закон за прекин на бременост кој ги унапредува правата на жените. Од 2020 имаме и Клиничко упатство за прекин на бременоста, подготвено од експерти од областа на гинекологија и акушерство, за тоа како треба методата да се применува. Тој додаде дека безбедноста е другиот аспект – да се знае како да се примени методата, за да се добијат позитивни ефекти, а она што недостига е регистрацијата на лековите за медикаментозен абортус, за комплетирање на напредната правна легислатива на оваа тема.
Ева Спасевска, програмска раководителка на програмата за сексуална и репродуктивна грижа во ХЕРА, истакна дека иако абортусот е легален и достапен во земјава, сепак абортусот по барање на жената поради социјални и економски причини сѐ уште не е покриен со системот на државното здравствено осигурување. Високите трошоци го загрозуваат пристапот до безбеден абортус и токму поради истите, сѐ уште сведочиме на случаи на нелегален абортус. Меѓународните препораки упатуваат и на тоа дека државата треба да обезбеди универзално покривање на сите трошоци поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје и современите методи на контрацепција, што е предвидено со Владината програма 2022-2024 година, но сѐ уште немаме ниту едно контрацептивно средство на товар на Фондот за здравствено осигурување, а земјава има една од најниските стапки на употреба на современа контрацепција во Европа, што изнесува само 14 %. Репродуктивната правда, покрај правото на избор, го вклучува и правото на еднаков пристап до здравствени услуги, информации и поддршка – како и правото секоја жена да може да одлучува за своето тело и да донесе информирана одлука, без страв или дискриминација.
ХЕРА како организација која работи на здравствена едукација, со години работи на подигнување на јавната свест, подобрување на услугите и овозможување на правото на модерна контрацепција на жените во земјава. Во таа насока и денеска по повод Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус, ХЕРА реализира обука за гинеколози од примарната здравствена заштита на тема „Медикаментозен абортус и модерна контрацепција.“
Ова е втора акредитирана обука годинава за гинеколозите од примарната здравствена заштита на тема „Медикаментозен абортус и модерна контрацепција“ во соработка со МАГО, а акредитирана од Лекарската комора, на која гинеколозите имаа можност подетално да се запознаат со правната рамка за медицинскиот абортус во државата, начините на реализација, примери од практичната работа на предавачите и клучните информации за психо-социјалното советување при ваквата процедура.