Младите од регионот треба да се обединат и да ги идентификуваат заедничките предизвици, со цел да се овозможи активно учество во носењето на важни одлуки – ова е една од пораките и целите на регионалната конференција „Заедно водиме: Младите се сила на Балканот“, организирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување – Северна Македонија.
Драгана Каровска Чемерска, програмска раководителка во ХЕРА рече дека пристапот до квалитетни и младински здравствени услуги, вклучително и ментално здравје и сексуално и репродуктивно здравје и права, е клучен за благосостојбата и иднината на младите.

„Бараме итна инвестиција во достапни, доверливи и инклузивни здравствени програми кои ќе ги одразуваат вистинските потреби на младите во Западен Балкан“, изјави Каровска.
Активистот Борјан Ефремов истакна дека суштинската промена речиси никогаш не е брза и веднаш остварлива, напротив, тоа е бавен процес.
„Затоа, да бидеме реални и да го бараме невозможното. Да бидеме љубопитни и да ја препознаеме вистината дека во големата поврзаност на социјалната промена, секој линк има значење. Нашите напори денес се оние линкови кои ќе ја создадат ткаенината на идната реалност. Со оптимизам и решителност, можеме да создадеме наследство кое не само што ќе опстане по нас, туку и ќе ги охрабри оние кои ќе дојдат по нас да ја продолжат потрагата по идеалното општество“, рече Ефремов.
„Младите се иднината. Оваа фраза постојано ја слушаме. Но, вистината е дека политичките елити на Балканот ја користат таа фраза без да ја следат со конкретни дејствија. Младите се исклучени од процесите на донесување одлуки и политичкиот живот. Време е за промени“, рече Рон Ѓиновци, извршен директор, на Организација за подобрување на квалитетот на образованието (ОРКА).

Фатмир Сабриу државен секретар во министертсво за социјална политика, демографија и млади изјави дека младите се силата која може да го трансформира Балканот. Нивната енергија, креативност и ентузијазам се тие кои ја одредуваат сегашноста и иднината. Затоа, мораме да продолжиме да работиме заедно, да се поддржуваме и да се бориме за една поразлична, подобра и поконструктивна иднина.
Конференцијата е составена од пет работилници, фокусирани на клучни области како што се образованието, здравството, вработувањето, културата и климатските промени, а како заклучок на крајот ќе се усвои Декларација која ќе служи како важна алатка за креаторите на политики и лидерите на граѓанското општество да работат заедно со младите и да се стремат кон подобрување на квалитетот на образованието, можностите за вработување и да обезбедат сериозни климатски активности за одржлива иднина.
Конференцијата е дел од регионалниот проект „Зајакнување на младите за демократска и одржлива иднина на Западен Балкан,“ поддржан од Фондот за Западен Балкан, а имплементиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување – Северна Македонија, Центарот за популациски политики и одржлив развој – IPPF Србија, Организација за унапредување на квалитетот на образованието (ОРКА) – Косово и Граѓанска отпорност – Албанија.