По повод Меѓународниот ден на младите, ХЕРА со коментар во контекст на можностите и предизвиците со кои се соочуваат младите во земјава:
Додека светот денес го слави 12 август -Меѓународниот ден на младите, младите луѓе во Северна Македонија сè уште живеат во реалност исполнета со системски предизвици, ограничени можности и несигурна иднина. Од високото ниво на невработеност, неквалитетно образование, недостаток на младински пријателски здравствени услуги, па сè до слабата институционална поддршка и недостигот на безбедни јавни простори, корупција, младите се принудени да бараат перспектива надвор од сопствената држава.

И покрај тоа што Законот за младинско учество и младински политики е во сила од 2020 година, неговата примена на локално ниво е минимална – само 19 општини имаат формирано локален младински совет, а локални стратегии за млади се усвоени само во 7 општини. Во меѓувреме, голем број млади се соочуваат со недостаток на јавни простори, културна изолација и отсуство на неформално образование и менторство.
Ситуацијата со менталното здравје е подеднакво алармантна – дури 64% од девојчињата на 15-годишна возраст чувствуваат две или повеќе психосоматски тегоби еднаш неделно, а дури 53% од истата група имаат депресивно расположение. Насилството исто така е во пораст, потребни се Програми за унапредување на менталното здравје на децата и младите.