„ХЕРА МЛАДИ“ со герила акција во Скопје: „Промени ја сликата, ти си разликата“

На Меѓународниот ден на младите, 12 август, организацијата „ХЕРА МЛАДИ“ во Скопје одржува герила акција под мотото „Промени ја сликата, ти си разликата“, нагласувајќи ја клучната улога на младите во формирањето на иднината на општеството.

Акцијата опфаќа интерактивни изложби, улични уметнички инсталации и јавни дијалози, создавајќи позитивна и поддржувачка атмосфера која ги поттикна младите и заедницата да размислат за својата улога во општествените промени.

Граѓаните на Скопје, на различни локации низ градот, можат да наидат на пораки како:

„Зајакната младина денес значи подобро утре“,

„Слобода, креативност, младост – тоа е твојата моќ“,

„Никогаш не си премлад за да ја промениш иднината“ и други инспиративни изрази.

Главната цел на акцијата беше да ја зголеми свесноста за важноста на младинската вклученост во општеството, нагласувајќи дека младите со нивните идеи и енергија можат да создадат значајни позитивни промени. Активната вклученост на младите ги користи нивните капацитети и ги мотивира да бидат дел од процесите што ги засегаат. Како носители на иднината, младите имаат уникатна моќ да иницираат позитивни трансформации во своите заедници и пошироко. Преку младински активизам, тие можат да се залагаат за своите права, да се борат за социјални промени и да генерираат нови, креативни решенија за проблемите со кои се соочуваат.

Меѓу испишаните пораки во градот, беа и оние посветени на љубовта, еден од најзначајните аспекти за младите: „Кога мислам на љубов мислам на тебе“ и „Дали веруваш во вистинска личност во погрешно време“.

„ХЕРА МЛАДИ“ истакнаа дека грижата за младите и нивниот развој, како и искористувањето на нивниот целосен потенцијал, зависи од нивното здравје и образованост. Сеопфатното сексуално образование беше посочено како суштинска инвестиција за нивниот правилен развој, кое ги покрива сите аспекти на сексуалноста – физички, емоционални и социјални – и им помага на младите да носат информирани одлуки за своето сексуално и репродуктивно здравје.

Со оваа акција, „ХЕРА МЛАДИ“ ја подвлече потребата за промоција на здрава комуникација и информираност меѓу младите, преку зајакнување на општествените механизми и имплементација на сеопфатно сексуално образование. Само на овој начин, велат од организацијата, може да се решат проблемите на адолесцентната бременост и предизвиците поврзани со родовите идентитети, овозможувајќи секој млад човек да го реализира својот целосен потенцијал.

Најново

Последни колумни