ХИВ не избира – но секој може да направи избор што спасува живот: да се тестира. Во време кога терапијата е достапна, ефективна и ја претвора инфекцијата во контролирана здравствена состојба, најголемиот ризик е незнаењето на сопствениот статус. Навременото откривање носи здравје, контрола и мир.
Во рамките на Европската есенска недела на ХИВ и СПИ тестирање, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување ги повикува сите граѓани на бесплатно, анонимно и доверливо тестирање за ХИВ и сексуално преносливи инфекции. Тестирањето се спроведува во Младинскиот центар „Сакам да знам“ на Водно, од 17 до 21 ноември, секој ден од 15:00 до 18:00 часот.
ХИВ денес не е пресуда. Кога е откриен навреме и кога лицето е на терапија, вирусот станува недетектибилен – што значи дека не може да се пренесе преку сексуален пат. Тоа е силата на раната дијагноза и редовните прегледи.
Покрај тестирање за ХИВ, посетителите можат да се прегледаат и за сифилис, гонореја, кламидија, хепатит Б и хепатит Ц, со резултати подготвени за најмногу 30 минути. Тестирањето го спроведуваат обучени здравствени работници и советувачи, во пријателска, безбедна и целосно доверлива атмосфера.
Редовната проверка е чин на свесност, одговорност и грижа – затоа што здравјето на заедницата започнува од секој поединец.
Тестирањето може да се закаже на телефонските броеви 070 227 386 или 02/3176-950, или преку онлајн платформата на следниот линк. Исто така, тестирањето може да се изврши со директна посета на Младинскиот центар „Сакам да знам“, ул. Елисие Поповски Марко бр. 2
Грижата за здравјето почнува со еден едноставен чекор. Тестирај се! Твоето право е да се чувствуваш здраво.
Услугите се реализираат преку Програмата за заштита на населението од ХИВ инфекцијата, поддржана од Министерството за здравство.
Европската недела на ХИВ тестирање е европска иницијатива што го зголемува пристапот до тестирање и ја подигнува свеста за важноста на раната дијагноза, особено кај лицата кои се изложени на поголем ризик.
