Хемикалија во темното чоколадо поврзана со побавно биолошко стареење

Хемикалија што природно се наоѓа во какаото и црната чоколада е поврзана со побавно биолошко стареење, покажува нова научна студија спроведена од истражувачи од King’s College во Лондон.

Истражувањето се фокусирало на теоброминот, соединение присутно во зрната какао и неговата поврзаност со маркерите на биолошкото стареење. За разлика од хронолошката возраст, биолошкото стареење покажува колку телото е „старо“ во однос на здравјето и функциите на органите.

Анализата опфатила 509 испитаници од Велика Британија и 1.160 лица од германската студија KORA. Научниците утврдиле „значајна поврзаност“ меѓу повисоките нивоа на теобромин во крвта и поспоро биолошко стареење.

Иако експертите не препорачуваат зголемена консумација на црна чоколада, тие посочуваат дека наодите може да помогнат во идентификување секојдневни намирници кои „содржат траги за поздрав и подолг живот“.

Теоброминот, според научниците, е релативно слабо истражен фитонутриент со потенцијални здравствени придобивки и поврзаност со подолг животен век. Сепак, досега имало ограничени истражувања за неговото дејство кај луѓето.

Водечкиот истражувач од King’s College, Рами Сад, доктор по клиничка генетика, изјави дека откритието отвора нови прашања за интеракцијата меѓу нутритивните метаболити и епигеномот.

„Ова е многу возбудливо откритие. Следниот чекор е да разбереме што точно стои зад оваа поврзаност и како овие механизми влијаат врз стареењето и развојот на болести“, истакна Сад.

Професорката по епигеномика, Џордана Бел, додаде дека иако студијата не сугерира дека луѓето треба да јадат повеќе црна чоколада, таа покажува како секојдневната храна може да има важна улога во процесите поврзани со здравото стареење.

Истражувачите тестирале и други соединенија присутни во какаото и кафето, но посочуваат дека ефектот врз биолошкото стареење бил специфично поврзан со теоброминот. Во следната фаза, тимот ќе испитува дали овој ефект е исклучиво резултат на теоброминот или на негова интеракција со други супстанции во црната чоколада, како што се полифенолите, силни антиоксиданси присутни и во овошјето, зеленчукот, чајот, кафето и виното.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни