Во Собранието на Република Северна Македонија во процедура на разгледување е ставен предлог закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона. Предлог законот е поднесен по скратена постапка.
Законот предвидува сериозни ограничувања во просторот околу законодавниот дом, вклучувајќи забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување нфраструктура. Образложението за овој закон е дека се носи од безбедносни причини.
„Во предлог законот се наведува дека се работи за безбедносен аспект, кој што е од јавен интерес, па оттаму се поставува прашањето зошто толку се брза со донесувањето на овој закон и зошто Собранието не организираше јавна расправа и поширока дебата.
Овој закон се носи по скратена постапка и притоа се упатува на тоа дека тој ќе влезе во сила истиот ден кога ќе биде усвоен. Нејасно е зошто Собранието инсистира законот да влезе во сила од моментот на неговото објавување ако се има предвид дека Уставниот суд, во неколку претходни случаи, има укинато закони токму поради отсуство на соодветно образложение при повикување на исклучокот на кој упатува Уставот за влегување во сила на закон со денот на неговото објавување.
За нас е несфатливо зошто во образложението за донесувањето на законот се наведува дека во безбедносната зона околу Собранието се забранува одржување на јавни собири, протести или манифестации ако основната причина за носењето на ваков закон е да се спречи градење на објекти и поставување инфраструктура во непосредна близина на зградата на Собранието и непречено функционирање на пратениците и службите на Собранието“ се вели во реакцијата на Хелсиншки.
Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека обидот на Собранието да го ограничи правото на јавен собир, протест или манифестации пред и во близина на зградата на Собранието ќе има штетни последици за човековите права и слободи.
Потсетуваме дека Уставот на РСМ наведува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Дополнително и Европскиот суд за човекови права не го толерира генералното ограничување на собири и протести и смета дека такво нешто би било оправдано само доколку постои реална опасност од тоа протестите да резултираат во нереди, и само доколку тоа не може да биде спречено со употреба на помалку рестриктивни мерки.
Оттаму, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара итно повлекување на ваквиот текст на предлог законот и бараме претставниците на граѓаните во законодавниот дом при носење на законите секогаш да внимаваат на непречено и загарантирано уживање на човековите права и слободи.