Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека ваквите напади можат да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните. Истовремено потсетуваме дека говорот на омраза и повиците за насилство на социјалните мрежи претставуваат кривично дело.
Од тие причини апелираме јавните личности, политичарите, како и сите корисници на социјалните мрежи да бидат одговорни во јавниот говор.
Во врска со студентските мирни собири кои деновиве се мета на навреди и разни шпекулации дека дејствуваат под нечие влијание, потсетуваме дека правото на мирен собир во Северна Македонија е уставно загарантирано право и е основно човеково право загарантирано со најзначајните меѓународни документи за човековите права.
Никого не треба да зачудува фактот што младите бараат одлучна борба против корупцијата и системските неправилности и неправди во општеството, чиишто жртви се трагично настараданите во Кочани. Од тие причини никој, а особено власта не треба од позиција на моќ да го узурпира гласот на младите.
На институциите треба да им се дозволи да ја завршат својата работа и да ги пронајдат и санкционираат одговорните за трагедијата во Кочани, но тоа не се коси со потребата граѓаните да бараат системски промени и артикулирано да ги истакнат своите барања.
Расчистувањето на причините за несреќата во Кочани е испит и за органите на правосудниот систем кои треба професионално да спроведат темелна и непристрасна истрага, не подлегнувајќи на можни партиски и други притисоци.
Во овој случај судиите мора да испорачаат правда, постапувајќи согласно позитивните закони, а во служба на граѓаните и јавниот интерес.
Хелсиншкиот комитет согласно својот мандат ќе ги мониторира протестите и ќе обезбедува бесплатна правна заштита при евентуални случаи на пречекорување на полициските овластувања.