Македонски Хелсиншки комитет упатува апел до припадниците на ЛГБТИ заедницата како и до нејзините поддржувачи, да внимаваат каде се движат на 29 јуни и ден потоа поради најавените протести на МПЦ.
„Со големо жалење и за првпат бараме од лицата од ЛГБТИ заедницата и поддржувачите да бидат помалку видливи и тивки во текот на денот на протестот, но нашата грижа за заедницата овојпат не‘ приморува на тоа. Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани. Загрижени од енорминиот раст на пријави на инциденти и вербални напади и закани како онлајн, така и во физичкиот простор во последните денови, а предизвикани од вжештената атмосфера околу дискусијата на верските институции поврзана со носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција, ви се обраќаме со апел и совет за ваша и наша лична безбедност и добросостојба. Како граѓанско општество остануваме посветени на градење на општествена кохезија и надминување на раздорот и застапување за помирување меѓу нашите граѓани“, посочуваат од Хелсиншки Комитет.
Во продолжение тие советуваат:
1. Да избегнувате да се движите на просторот на којшто се одржува протестот.
2. Да избегнувате да носите обележја кои асоцираат на ЛГБТИ заедница во јавен простор.
3. Движете се низ осветлени и фрекветни улици и простори.
4. Секогаш имајте мобилен телефон при рака, за да во случај на каков било инцидент – веднаш да ја контактирате полицијата.
5. Во случаи на вербални напади и провокации, останете смирени и тивки и брзо упатете се кон место каде што има повеќе луѓе.
6. Во случаи на вербални напади во такси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријатевет го возачот во такси компанијата, а инцидентот до надлежните институции.
7. Во случај на напад или закани во автобуси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции.
8. Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ!. Штом сте на безбедно веднаш пријавете.
Од Хелсиншки комитет свесни се дека ЛГБТИ заедницата ретко пријавува случаи на насилство и прекршување на права до институции и затоа излегуваат во пресрет со тоа што остават телефонски броеви за пријавување на напади, закани и агресија и тоа од 09:00 до 15:00 часот на телефонскиот број 02/3119073, а од 15:00 натаму на телефонскиот број 078/734217.