Хелсиншки комитет: Антиродовите движења ја кочат имплементацијата на законите за родова еднаквост

Во Извештајот за човековите права за 2023 година на Хелсиншкиот комитет се забележува дека Северна Македонија забележува напредок во родовата еднаквост, менувајќи закони и усогласувајќи се со Истанбулската конвенција, но и се предупредува за опасноста од антифеминистичките и антиродовите движења.

Изминатата година, со измените на Кривичниот законик беа воведени нови кривични дела како полово вознемирување и демнење, што претставува значаен чекор кон усогласување со Истанбулската конвенција. Поднесени се и измените на Законот за семејство и Законот за еднакви можности на жените и мажите, но процесот за донесување на новиот закон за родова еднаквост беше попречен од антиродовите движења, и покрај напорите на Владата.

Во извештајот исто така се истакнува значењето на заштитата на жените и девојките од родово базирано насилство, вклучително и дигиталното насилство. Сепак, постојат значителни предизвици во примената на законите, особено во делот на казнувањето на сторителите и обезбедувањето соодветна заштита на жртвите. Институционалните капацитети остануваат ограничени, а поддршката за жртвите често недоволна.

Во текот на 2023 година, антифеминистичките и антиродовите движења беа многу активни, што значително влијаеше врз подготовката и усвојувањето на законите за родова еднаквост. Овие движења се противат на прогресивните мерки и честопати ги попречуваат напорите за постигнување на родова еднаквост со организирање на јавни кампањи и протести.

Платформата „Медуза“ го одбележа својот петгодишен јубилеј и продолжи со својата мисија за феминистичка едукација преку дигиталниот простор. Оваа неформална платформа, со посебен фокус кон младите и маргинализираните групи, продолжи со создавање на феминистички содржини и публикации како „Новите добри времиња“. Оваа публикација вклучува збирка на феминистички есеи, разговори и песни, кои ги адресираат предизвиците со ретрадиционализацијата и политичката апатија.

На овој начин платформата го користи дигиталниот простор за промоција на вредностите на еманципираност, солидарност и родова еднаквост. Преку своите активности, „Медуза“ креира простор кој ги вклучува младите и маргинализираните групи во создавањето на феминистичка мисла и акција. Публикациите и содржините на платформата имаат за цел да едуцираат и инспирираат, претворајќи ја „Медуза“ во важен играч во борбата за родова еднаквост во Северна Македонија.

Годишниот извештај за состојбата со човековите права во 2023 година ја истакнува важноста на континуираните напори за унапредување на родовата еднаквост и справување со институционалните и социјалните предизвици.

Најново

Последни колумни