Американската телевизиска мрежа HBO ја објави првата официјална фотографија од новата серија „Хари Потер“, базирана на популарните книги на авторката Џ. К. Роулинг.
На фотографијата, објавена на Instagram, е прикажан младиот волшебник Хари Потер во училиштето Хогвортс, облечен во наметка на куќата Грифиндор и со метла во рака, додека во позадина се гледаат и други ученици.
На официјалниот профил „Хари Потер“ е најавено дека наскоро ќе бидат објавени нови фотографии, што веројатно укажува дека првиот трејлер би можел да биде објавен во блиска иднина, пренесува USA Today.
Нова актерска екипа
Во новата адаптација главната улога ја толкува Доминик Меклафлин, додека Арабела Стентон ја игра Хермиона Грејнџер а Аластар Стаут го игра Рон Визли
Во останатите улоги се: Ник Фрост како Хагрид, Џон Литгоу како Албус Дамблдор, Папа Есиеду како Северус Снејп.
Извршниот директор на HBO, Кејси Блојс, изјави дека новата серија ќе овозможи подетална обработка на секоја од седумте книги, при што секоја сезона ќе следи по еден роман.
Авторката Џ. К. Роулинг е вклучена во проектот како извршен продуцент. Даниел Редклиф, кој го глумеше Хари Потер во филмската франшиза, ја поддржа новата актерска екипа и му посака среќа на својот наследник.
Премиерата на серијата се очекува во 2027 година, додека точниот датум сè уште не е објавен.