Заморот, ненадејните промени во телесната тежина и падот на енергијата често се припишуваат на стрес или замор, но понекогаш зад овие симптоми може да стои автоимуно заболување на тироидната жлезда.
Хашимото тироидитис е хронична болест при која имунолошкиот систем ја напаѓа сопствената тироидна жлезда. Оваа мала жлезда на вратот има клучна улога во регулирањето на метаболизмот, енергијата и хормоналната рамнотежа во организмот.
Кога имунолошкиот систем постепено ја оштетува, производството на хормони се намалува, што може да доведе до различни здравствени проблеми.
Болеста најчесто се појавува кај жени
Хашимото најчесто се дијагностицира кај жени и обично се развива многу бавно. Поради тоа, многу луѓе со години не знаат дека ја имаат болеста.
Првите симптоми може да бидат:
- постојан замор
- чувствителност на студ
- сува кожа
- опаѓање на косата
- необјасниво зголемување на телесната тежина
Како што болеста напредува, може да дојде до забавување на метаболизмот и појава на состојба позната како хипотироидизам.
Што ја предизвикува болеста
Експертите истакнуваат дека точната причина за Хашимото не е целосно позната. Сепак, се смета дека комбинација од генетика, стрес, хормонални промени и фактори од околината може да игра значајна улога.
Кај луѓето со оваа дијагноза, имунолошкиот систем создава антитела кои ги напаѓаат клетките на тироидната жлезда и постепено го нарушуваат нејзиното функционирање.
Болеста може да се држи под контрола
Иако Хашимото не може целосно да се излекува, со соодветна терапија може успешно да се контролира. Лекарите најчесто препорачуваат хормонска терапија која ги надоместува хормоните што тироидната жлезда повеќе не може да ги произведува во доволна количина.
На тој начин се ублажуваат симптомите и значително се подобрува квалитетот на животот.
Важно е раното откривање
Затоа лекарите советуваат внимателно да се следат сигналите што ги испраќа телото. Редовните анализи на хормоните на тироидната жлезда и консултација со лекар можат да помогнат болеста да се открие во рана фаза и да се спречат можни компликации.