Универзитетот Харвард ја тужи администрацијата на Доналд Трамп, тврдејќи дека одлуката за замрзнување на федералното финансирање во вредност од милијарди долари е незаконска.
Претседателот на универзитетот, Ален М. Гарбер, објави во писмо во понеделникот дека тужбата е поднесена, наведувајќи дека замрзнувањето на федералните средства во вредност од две милијарди долари би можело да ги загрози истражувањата за болести опасни по живот.
Харвард, најбогатиот универзитет во светот, минатата недела одби список барања, за кои администрацијата на Трамп тврди дека се создадени со цел да се запре антисемитизмот на универзитетот.
Во одговор на тужбата, Белата куќа соопшти дека времето за федерална помош истекло.
Финансирањето е намалено и на други елитни универзитети, а новоформирана владина единица за борба против антисемитизам веќе издвојува најмалку 60 универзитети за проверка.
Претседателот Доналд Трамп ги обвини универзитетите дека не ги заштитиле еврејските студенти за време на минатогодишните протести на кампусите против војната во Газа и американската помош за Израел.
Зошто Трамп го ускрати финансирањето на Харвард и што тоа значи за другите универзитети?
Гарбер во писмото наведе: „Последиците од прекумерната интервенција на владата ќе бидат тешки и долготрајни.“
Посочи дека ќе бидат погодени истражувањата за рак кај деца, Алцхајмерова и Паркинсонова болест.
„Во последните неколку недели, федералната влада започна широк напад врз извонредно важното финансиско партнерство што овозможува незаменливи истражувања“, се вели во тужбата на универзитетот.
Се наведува дека замрзнувањето на федералните средства ги крши уставните права на Харвард и се користи како алатка за „преземање контрола врз носењето академски одлуки“.
Администрацијата на Трамп посочи дека дополнителна милијарда долари федерални средства исто така би можела да биде замрзната.
Харвард добива околу девет милијарди долари годишно, од кои најголем дел се троши на истражувања.
Универзитетот би можел да го загуби и ослободувањето од плаќање даноци, како и можноста да запишува странски студенти.
Гарбер, кој е Евреин, призна дека на Харвард има проблеми со антисемитизмот, но исто така истакна дека е формирана единица што се занимава со тоа.
Тој најави дека универзитетот ќе објави два извештаи кои се однесуваат на предрасудите кон Евреите и муслиманите.
На мета и други престижни универзитети
Освен Харвард, на удар се најдоа и други престижни универзитети од т.н. Ајви лига.
На Универзитетот Корнел му се замрзнати средства вредни една милијарда долари, а Универзитетот Браун остана без 510 милиони долари федерално финансирање.
Колумбија Универзитет, епицентарот на пропалестинските протести минатата година, прифати дел од барањата откако му се закануваше укинување на финансирањето од 400 милиони долари.
Од Харвард, меѓу другото, се барало да прифати надворешна ревизија на наставните програми одобрени од владата, како и да обезбеди податоци за вработување и упис на студенти. Харвард одговори со остро писмо во кое ги отфрла барањата како обид на владата за „преземање“ на универзитетот.
Поранешниот американски претседател Барак Обама, кој студирал на Харвард, изјави дека го поддржува универзитетот и дека замрзнувањето на средствата е незаконско.
Белата куќа одговори во понеделник навечер во соопштение:
„Средствата од даночните обврзници се привилегија, а Харвард не ги исполнува основните услови потребни за да има право на таа привилегија.“
Анкета на Галуп од минатото лето покажа дека довербата во високото образование постепено опаѓа кај Американците од сите политички убедувања. Според истражувањето, дел од причината за тоа е сè поголемото уверување дека универзитетите туркаат политичка агенда.
Падот на довербата е особено изразен кај републиканците.