Харис за климатските промени: Тоа е егзистенцијална закана

Се поверојатно е дека актуелната потпретседателка на САД, Камала Харис ќе биде кандидатката на Демократската партија за претседателските избори во ноември, поради што медиумите веќе ги испитуваат нејзините позиции за најзначајните политики.

А една од најзначајните политики, која станува се поважна за животот на сите е борбата со климатските промени. Харис е долгогодишен поддржувач на климатските иницијативи, што според активистите е добар знак.

Како потпретседателка, таа се залагаше за да се алоцираат 20 милијарди долари за Фондот за намалување на стакленички гасови, фонд кој им помага на посиромашните заедници во САД да се справуваат со климатските последици.

Харис исто така беше и највисокиот американски функционер кој учествуваше на COP 28, еден од најголемите меѓународни настани на кој се дискутираа климатските промени. На COP 28 кој минатата година се одржа во Дубаи, Харис рече дека САД трократно ќе ги зголемат енергетските капацитети од обновлива енергија до 2030 година и дека двојно ќе ја зголемат енергетската ефикасност. Таа исто така кажа дека САД ќе финансираат 3 милијарди долари за Зелениот климатски фонд, со план да се помогне на посиромашните нации да се справат со ефектите од климатските промени.

Таа исто така беше една од оригиналните коспонзорки на Зелениот нов договор, иницијатива која има за цел да помогне САД да премине на 100 отсто чиста енергија за една декада и да овозможи гаранции за вработените.

Како јавен обвинител на Калифорнија исто така ја поддржуваше забраната за хидрауличко фрактурирање и беше дел од истрагата против Ексон Мобил.

За време на кампањата во 2020, нејзиниот климатски план вклучуваше 10 билиони долари зголемување во следната декада. Тој план предвидуваше јаглена неутралност до 2045, 100 отсто јаглена неутрална струја до 2030, 50 отсто од новите продадени возила да бидат со нула емисии до 2030 и 100 отсто до 2035.

Како сенаторка од Калифорнија, Харис промовираше неколку важни климатски политики како електрификација на училишните автобуси за да се намалат емисиите и да се намали изложеноста на децата на загадување, замена на оловните водоводи, како и промоција за поголема издржливост на земјоделството од суши.

Запрашана за климатските промени и нејзиниот став околу нив, потпретседателката на САД одговори:

„Тоа е егзистенцијална закана за тоа кои сме“.

Извор: Environment by Impact

Најново

Последни колумни