Хаос во Загреб: Олујата урна дрвја, оштети училишта и го парализира градот

Силно невреме го погоди Загреб – оштетени се десетици училишта и градинки, стотици интервенции на пожарникарите, а јавниот превоз е во колапс.

Силно невреме проследено со оркански ветер го погоди Загреб, предизвикувајќи големи материјални штети и сериозни проблеми во секојдневното функционирање на градот. Паднати дрвја, оштетени покриви и прекинат јавен превоз беа само дел од последиците од невремето што траеше во текот на ноќта и денот.

Градоначалникот Томислав Томашевиќ информираше дека се оштетени 39 градинки, 27 основни и 16 средни училишта, при што неколку објекти претрпеле сериозни оштетувања. Поради безбедносни причини, наставата беше откажана за околу 100.000 ученици, а нормализацијата на трамвајскиот сообраќај се очекува дури на почетокот на следната недела.

Особено погодени се јавните површини и инфраструктурата – езерото Бундек претрпе значителна штета, а голем број улици беа блокирани од паднати дрвја. Оштетувања има и на возила и станбени објекти, најчесто од одлетани лимени покриви.

Според Славко Тучаковиќ, во последните 24 часа се регистрирани повеќе од 1.200 интервенции низ Хрватска, со ангажирани над 3.800 пожарникари, од кои најголемиот дел во Загреб и околината.

Невремето предизвика и прекини во снабдувањето со електрична енергија во некои делови од земјата, додека службите остануваат на терен со апел граѓаните да бидат внимателни и да ги следат препораките.

Властите најавуваат финансиска помош за граѓаните погодени од штетите, додека санацијата на најпогодените делови, според проценките, ќе трае подолг период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни