Демонстрантите излегоа на улиците пред главниот полициски штаб во Истанбул како знак на поддршка за Имамоглу. Градоначалникот на Истанбул и лидер на опозицијата, Екрем Имамоглу, беше апсен под обвиненија за корупција и помагање на терористичка организација.
Градоначалникот на Истанбул и опозициски лидер Екрем Имамоглу, во првото обраќање по апсењето, изјави дека турскиот народ ќе одговори на „лажите, интригите и замките“ кои се насочени против него, додека демонстрантите излегоа на улиците.
Имамоглу сподели порака на својот Икс профил неколку часа по апсењето, под обвиненија за корупција и помагање на терористичка организација, што предизвика протести и критики од опозицијата, пренесе Ројтерс.
Турските власти го притворија Имамоглу, член на главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), под обвинение за корупција и помагање на терористичка група. Тој ќе остане во полициски притвор 4 дена, јави CNN Turk, повикувајќи се на неназначени извори. Имамоглу рече дека „не планира да попушти“ под притисоците на властите.
Демонстрантите: “Ова е удар на демократијата”
Демонстрантите, кои денес протестираат пред главниот полициски штаб во Истанбул, изјавија дека притворањето на главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, претставува удар на турската демократија.
Повеќе од 100 луѓе се собраа во близина на полицискиот штаб, каде што беше одведен Имамоглу по апсењето, за поддршка за градоначалникот и анти-владински пароли, пренесе Ројтерс.
Силите за безбедност ги блокираа улиците кои водат до штабот на полицијата, распоредени беа единици на интервенциска полиција, како и камиони со водни топови.
Турските власти воведоа ограничувања за пристап до социјалните мрежи, вклучувајќи Икс, Јутјуб, Инстаграм и ТикТок, по апсењето на Имамоглу и уште 100 лица, соопшти организацијата “Netblocks”.
Кратко по апсењето, акциите на турската берза паднаа за седум проценти, што предизвика привремено запирање на трговијата. Покрај тоа, турските власти ги блокираа улиците на неколку места во Истанбул и забранија протести за 4 дена, за да спречат можни демонстрации.
Не може да се кандидира на изборите
Имамоглу му беше поништена дипломата поради наводни неправилности во врска со неговото образование, што му ја спречува можноста да се кандидира на претстојните претседателски избори. Универзитетот во соопштение истакна дека 38 луѓе, вклучувајќи го Имамоглу, пренеле своите студии на Факултетот за менаџмент на англиски програм во 1990 година на неправилен начин.
Опозицијата го осуди апсењето како обид за задушување на опозицијата и поткопување на демократските права.
Имамоглу, од главната опозициска Републиканска народна партија (CHP), е главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а опозицијата треба да избере свој кандидат за претседател на претстојните избори.
Лидерот на CHP, Озгур Озел, изјави дека таа партија, без оглед на одлуката на универзитетот за поништување на дипломата, ќе го именува Имамоглу за свој претседателски кандидат на 23 март за изборите 2028 година.