Хаос во САД и Мексико: Дали е загрозено Светското првенство 2026?  

Безбедносни тензии во Мексико и политички предизвици во САД отвораат прашања за организацијата на Светското првенство 2026, но турнирот засега не е загрозен.

Како се приближува Светското првенство во фудбал 2026 година, сè поголемо внимание се посветува на безбедносните предизвици во трите земји домаќини – Мексико, САД и Канада. Најтензична моментално е ситуацијата во Мексико, особено по воената операција на 22 февруари во градот Тапалпа, во државата Халиско, во која беше убиен Немеcио Осегера Сервантес, познат како Ел Менчо, лидер на моќниот картел Халиско Нуева Генерасион.

По неговата смрт следуваше бран насилство, со блокади на патишта, палење возила и судири со безбедносните сили. Најпогодена е државата Халиско, каде што се наоѓа и Гвадалахара, еден од градовите домаќини на првенството. Иако криминалните групи ретко директно ги таргетираат туристите, ваквите немири можат да го нарушат сообраќајот и секојдневниот живот во градовите.

Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум изјави дека нема ризик за посетителите и дека се обезбедени сите безбедносни гаранции. И претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, изрази целосна доверба во мексиканските организатори. Во меѓувреме, присуството на војската и Националната гарда е засилено во клучните области, а властите тврдат дека ситуацијата постепено се стабилизира.

Во САД, предизвиците се повеќе политички и финансиски. Буџетот од околу 875 милиони долари наменет за безбедност привремено е замрзнат поради делумно затворање на владата во рамки на Министерството за внатрешна безбедност. Дополнителна дебата предизвика изјавата на вршителот на должност директор на ICE, Тод Лајонс, кој нагласи дека агенцијата ќе има значајна улога во обезбедувањето на првенството.

По неодамнешни инциденти во Минесота, каде што во акција на агенти на ICE загинаа двајца американски државјани, избувнаа протести и загриженост дека би можеле да има рации во близина на стадионите. Сепак, официјалните лица нагласуваат дека главниот фокус ќе биде безбедноста на посетителите и нормалното одржување на натпреварите.

Канада, пак, засега се смета за најстабилниот домаќин, без поголеми безбедносни проблеми. Експертите предупредуваат дека продолженото насилство во делови од Мексико или долготрајните политички блокади во САД би можеле да создадат логистички предизвици, особено со оглед на очекуваното присуство на милиони навивачи.

И покрај сите ризици, Светското првенство 2026 засега не е сериозно загрозено. Безбедносните мерки се на високо ниво, со засилено присуство на специјални единици и детални планови за управување со евентуални кризни ситуации. Според проценките, можно е да има привремени ограничувања во сообраќајот или движењето во некои градови, но откажување на турнирот се смета за речиси невозможно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни