Хаос во Истанбул: Ветер над 100 км/ч го затвори Босфорот, повредени и голема материјална штета

Поради опасните временски услови, сите фериботски линии меѓу азискиот и европскиот дел на градот се целосно во прекин, што дополнително го парализира секојдневниот живот во градот со повеќе од 15 милиони жители
epa11732760 Waves hit the shore near the Bosphorus during a storm in Istanbul, Turkey, 21 November 2024. AKOM, the Istanbul Disaster Coordination Center, gives a code yellow storm warning for Istanbul and 16 cities in Turkey on 21 November. EPA/ERDEM SAHIN

Силно невреме со екстремни налети на ветер денеска го погоди Истанбул и поширокиот регион на западна Турција, предизвикувајќи сериозни прекини во сообраќајот и опасни ситуации за граѓаните. Во одредени делови на мегаполисот, ветерот достигнал брзина поголема од 100 километри на час, поради што властите донесоа итна одлука за целосно запирање на поморскиот сообраќај низ Босфорот.

Според локалните служби, состојбата на терен е крајно нестабилна. Во истанбулскиот кварт Бахчелиевлер, паднато дрво тешко повредило пешак, кој бил пренесен во болница, додека во Бакирќој силниот ветер искорнал неколку дрвја што завршиле врз паркирани автомобили, предизвикувајќи значителна материјална штета.

Поради опасните временски услови, сите фериботски линии меѓу азискиот и европскиот дел на градот се целосно во прекин, што дополнително го парализира секојдневниот живот во градот со повеќе од 15 милиони жители. Истовремено, на Истанбулскиот аеродром се регистрирани бројни доцнења и откажувања на летови, главно поради намалена видливост и силните ветрови кои го отежнуваат слетувањето и полетувањето.

Надлежните институции излегоа со апел до граѓаните да избегнуваат непотребни движења, особено во близина на дрвја, билборди и стари објекти, како и да бидат внимателни при управување со возила. Екипите на противпожарната служба и итната медицинска помош се во зголемена готовност и интервенираат на повеќе локации низ градот.

Метеоролошките служби предупредуваат дека невремето може да продолжи и во текот на ноќта, со можни нови силни налети на ветер и поројни дождови, поради што постои ризик од дополнителни штети и прекини во сообраќајот.

Властите најавуваат дека состојбата ќе се следи континуирано и дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите нови мерки и ограничувања, додека граѓаните се повикуваат на максимална претпазливост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни