Хаос во Индија: Откажани стотици летови поради недостиг од пилоти

Индија се соочува со сериозен патнички хаос откако најголемата авио-компанија во земјата, IndiGo, откажа стотици летови, продолжувајќи го тридневниот прекин во својата мрежа. Илјадници патници останаа заглавени низ целата земја за време на најгустата туристичка сезона, а се откажани и сите летови на IndiGo од главниот град Њу Делхи.

Главната причина за колапсот е недостигот од пилоти, откако компанијата не успеала навремено да се прилагоди на новите правила за распореди на летачкиот персонал, пишува BBC.

Реакции од владата и регулаторите

Индиската влада соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата, а федералниот министер за авијација изрази „јасно незадоволство“ од начинот на кој компанијата ја управува кризата.

Во посебно соопштение, индискиот воздухопловен регулатор наведе дека прекините биле предизвикани пред сè поради „погрешни процени и пропусти во планирањето“ за време на имплементацијата на новите правила за ограничување на работното време на пилотите.

Регулаторот ѝ наложи на IndiGo веднаш да достави детален план за вработување нов кадар, дополнителна обука, преструктурирање на распоредите и други мерки за ублажување на последиците.

IndiGo бара исклучок – пилотите предупредуваат на безбедност

IndiGo, која држи околу 60% од индискиот пазар и извршува повеќе од 2000 летови дневно, соопшти дека целосната нормализација се очекува дури до 10 февруари. Компанијата побара привремено изземање од новите правила, бидејќи тие бараат повеќе часови одмор и ограничуваат ноќни смени.

Од 8 декември IndiGo ќе го намали бројот на летови за да спречи дополнителни нарушувања.

Сепак, Индиското здружение на пилоти остро се спротивстави на можноста за изземање, предупредувајќи дека тоа би го поткопало духот на новите прописи и би ја „сериозно загрозило безбедноста на патниците“.

Новите правила предвидуваат повеќе часови одмор за пилотите и ограничување од максимум две ноќни слетувања неделно, наспроти претходните шест.

Огорчени патници – илјадници заглавени на аеродроми

Патници ширум Индија изразија големо незадоволство на социјалните мрежи, жалејќи се на слаба комуникација, недостаток на информации и тоа што биле оставени на аеродроми без храна.

Меѓу заглавените се нашол и висок комесар на Сингапур во Индија, Сајмон Вонг, кој изјави дека е „останат без зборови“ и дека поради откажаниот лет пропуштил свадба на член од својот персонал.

Главните аеродроми во Делхи, Мумбаи и други големи градови ги предупредија патниците задолжително да го проверат статусот на летовите пред да тргнат кон аеродромите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни