Хаос во Давос околу Гренланд: светските лидери со спротивставени пораки

Од уверувања дека нема да се користи сила, до повици Гренланд да се продаде – Самитот во Давос ја разоткри длабоката поделеност околу една од најчувствителните геополитички теми

Дебатата околу иднината на Гренланд предизвика вистински хаос на Светскиот економски форум во Давос, каде што светските лидери, политичари и аналитичари испратија дијаметрално спротивставени пораки. Иако Доналд Трамп јавно порача дека САД нема да користат воена сила за да преземат контрола врз островот, неговите изјави не ги смирија целосно европските сојузници, ниту ја затворија темата.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека најважната порака од настапот на Трамп е токму исклучувањето на употребата на сила. Според него, американскиот претседател се оддалечува од класичниот мултилатерализам, но и понатаму го одржува сојузништвото со Европа. Пленковиќ нагласи дека ваквата позиција барем делумно ја намалува загриженоста околу безбедноста на Арктикот.

Истовремено, од Данска стигна предупредување дека проблемот не е решен. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека иако е позитивно тоа што Трамп вели дека нема да користи сила, амбицијата за контрола врз Гренланд и натаму постои. „Предизвикот не исчезна“, порача Расмусен, додавајќи дека темата останува отворена и чувствителна.

Контроверзни изјави дојдоа и од американската политичка сцена. Републиканскиот сенатор Линдзи Греам отворено изјави дека Европа треба „да престане да се противи и да го продаде Гренланд“ на САД, аргументирајќи го тоа со националната безбедност и зајакнувањето на НАТО. Сличен став изнесе и британскиот политичар Најџел Фараж, кој оцени дека светот би бил „побезбедно место“ доколку САД ја преземат контролата врз островот.

Покрај темата Гренланд, Трамп во Давос отвори и други чувствителни прашања. Тој најави дека во четврток ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а воедно повторно говореше за наводно „наместените избори“ во САД во 2020 година, најавувајќи можни кривични постапки – тврдења кои институциите претходно ги отфрлија.

Во меѓувреме, на финансиските пазари реакциите беа позитивни. Ветувањето дека нема да се користи сила околу Гренланд доведе до раст на берзите, при што индексите Dow Jones и S&P 500 забележаа раст од околу еден процент, по денови на нестабилност предизвикани од геополитички стравувања.

Самитот во Давос, наместо да донесе јасен консензус, уште еднаш покажа дека Гренланд станува симбол на пошироката борба за влијание меѓу големите сили, при што Европа, САД и нивните партнери сè уште немаат заедничка визија како да се справат со ова прашање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни