(ФОТО) Хаос на Клинички центар, затворен дел од паркингoт, возилата чекаат во колони за влез

Да се затвори влез на Клинички центар, и да се скрати и онака малиот број паркинг места, да се остави без сигнализација за број на паркинг места е во најмала рака несериозно и безобразно, а потоа и нехумано кон пациетите и без никаква почит кон вработените кои секј ден работат со тешко болни пациенти.

Дел од паркингот на Клиничкиот центар, во делот кај Инфективната Клиника, утрово беше затворен без претходна најава, што создаде огромни гужви на и онака полниот паркинг на најголемата болничка установа во земјава.

Хаосот е дополнително зголемен со оглед на тоа што еден од клучните влезови на Клиничкиот центар е токму кај Инфективната клиника на улица Белградска која од неодамна е направена едносмерна.

Десетици возила на пациенти и вработени во клиниката, утрово ги дочека затворена рампа на влезот кај Инфективната клиниката без објаснување дали и кои од другите влезови се отворени за влез на возила. Сето тоа доведе до огромни колони за влез на преостанатите три влеза, а поради затворениот дел од паркингот кај Инфективна кој има капацитет за најмалку 50 тина возила, се создаде дополнителен хаос во трката да се „најде место“ на останатиот дел од паркиралиштето.

Влезот пак за итни случаи кој требаше да е отворен само за возилата на Брза Помош, од утрово е отворен за сите возила што ги става критично болните во можна животна опасност. Утрово две возила на Брзата помош беа заглавени во колоната патнички возила.

Во меѓувреме, во изминатите денови до вработените на Клиничкиот центар не стасал допис од ЈП Паркинзи Скопје кој е под управа на Град Скопје, за да можат да се организираат во однос на новиот режим на влез и излез и паркирање.

Веројатно и во услови на намален капацитет на паркингот, би требало да се постави сигнализација на самите влезови на рампите за тоа колку реално има слободни паркинг места и да не се пуштаат возила доколку место нема.

Пред неколку месеци затворен беше и паркингот кај Клиниката за Детски болести поради одрон на земјиштето на улица Белградска со што исто така се скрати бројот на паркинг места на Клиничкиот центар, а проблемот со одронот на улицата до ден денес не е среден.

Дополнителен проблем е каде ќе се паркираат вработените лекари и медицинските сестри кои се втора смена и кои доаѓаат на работа во 12 часот? Каде ќе паркираат оние кои имаат закажан преглед во Мој Термин исто после 11 часот?

Град Скопје нема дадено информација зошто е затворен паркингот и веројатно се работи на реализација на најавите за изградба на паркинг катни гаражи. Дури и да е тоа причинината, прашањето кое го поставуваат сите вработени кои утрово со часови чекаа на рампите за влез и бараа безуспешно слободно место за паркирање како и оние дојдени за преглед од цела држава, е дали е ова начин на кој се почнува реализација на еден проект? Без претходна најава за отпочнување на работите, без најава колку истите ќе траат и каде ќе се паркираат возилата во тој период?

Да се затвори влез на Клинички центар, и да се скрати и онака малиот број паркинг места, да се остави без сигнализација за број на паркинг места е во најмала рака несериозно и безобразно, а потоа и нехумано кон пациетите и без никаква почит кон вработените кои секј ден работат со тешко болни пациенти.

И секако далеку од визијата за Скопје како модерен град и град на солидарност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни