Десетици демонстранти од редовите на староседелските заедници во Бразил се пробија низ безбедносните бариери на климатскиот самит COP30, барајќи поенергични акции против уништувањето на шумите и заштита на нивните предцини земји.
Очевидци јавуваат дека демонстрантите се судриле со обезбедувањето на влезот во комплексот на Обединетите нации во Белем, каде што илјадници делегати од целиот свет присуствуваат на климатските разговори.
Некои од нив носеле знамиња и транспаренти со пораки „Нашата земја не е на продажба“ и „Нема живот без шума“, додека други барале крај на експлоатацијата на нафтата и рудниците во Амазонија.
„Не можеме да јадеме пари. Сакам нашата земја да биде слободна од агробизнис, нелегални рудари и уништување на шумите“, изјави Гилмар, лидер на заедницата Тупинамба од долниот тек на реката Тапајос.
Според извештаи на Reuters, обезбедувањето ги потиснало демонстрантите и со маси го блокирало влезот во зградата. Еден чувар бил однесен со количка откако бил повреден во стомакот, а друг имал расекотина над окото од фрлен предмет.
Демонстрантите се повлекле по краток судир, а полицијата потврди дека двајца чувари се полесно повредени.
Во официјално соопштение, Обединетите нации потврдија дека „група демонстранти ја пробила безбедносната ограда“, но дека „настанот е ставен под контрола“ и преговорите на COP30 продолжуваат без прекин.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека домородните народи се клучни партнери во борбата против климатските промени и дека нивниот глас мора да биде слушнат.
Еден од најпознатите староседелски лидери, поглавицата Раони Метуктире, изјави дека заедниците се длабоко вознемирени поради индустриските проекти во Амазонија и побара од владата да ги зајакне нивните права и учество во управувањето со шумите.
