Кои пораки сакате да им ги пренесете на младите читатели? Кои од критериумите на регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ ( бунтовните писателски и читателски практики, односно на феминистичките, квир, деколонијални, марксистички и еколошки, ангажирани перспективи) се застапени во вашата книга?
Хана: Бидејќи не пишувам параболи и не сум голем поборник на дидактичка книжевност, речиси никогаш не влегувам со идејата „порака која би сакала да ја пренесам“. Но, секако, моите вредности или прашања за животот, човекот, општеството, природата, итн, неминовно наоѓаат место во приказните. Така, во „Илина и шумските тролови“, се отвараат прашања за вредноста на човечкиот креативен порив насред челустите на капитализмот, за природата и нејзината жилавост наспроти човечката неоправдана, неемпатична, антропоцентрична екпанзија, за видови или народи кои се потиснати на маргините (во случајот на романот, тоа се магични суштества, ама темата е таа), со ликови – често женски – кои се и паметни и прават грешки и силни и ранливи и смешни и контрадикторни – со други зборови, реални. Бидејќи, по мене, не е феминизам туку е идеализација на сликата за жената – што е повторно дискриминација – доколку ги нагласуваме само силата и независноста на женските ликови.
Како ги развивавте карактерите на Илина и шумските тролови? Што би опишале како квир?
Хана: Повеќето ликови брзо си пораснаа месо на коските низ приказната. Можеби и помагаше што имав некаква нишка инспирација од животот. Секако, важно беше да се чувствува дека ликовите имаат живот и континуитет надвор од страниците на книгата. Дека не се присутни само за да го движат дејствието. Секој лик авторот треба да го сака или разбира, повеќеслојно, за да има тежина, како за писателот, така и за читателите.
Квир тематика не би рекла дека е застапена во „Илина и шумските тролови“, но е во мојата прва книга, збирката раскази (за возрасни) „Млечни заби“ (Или-Или, 2021). Не беше тогаш предложена за првата рунда „Штефица Цвек“, а искрено не бев ни свесна за постоњето на книжевниот избор во тие почетни фази. Меѓу другото, во „Млечни заби“ има конкретно расказ со повеќе квир индивидуи и врски. Но, повторно ќе речам – целта не ми беше да пратам некаква порака, туку едноставно пишував за работи кои ми беа дел од животот и светогледот.
Како се чувствувавте кога дознавте дека вашата книга е номинирана за регионалниот книжевен избор Штефица Цвек?
Хана: Прво изненадено, потоа радосно. Изненадено бидејќи не помислив дека тој роман за деца некој би го номинирал. Се израдував дека читателите ги препознале темите! И секако, чест е, и уште повеќе откако видов кој е во жирито.
Што значи за вас влезот во потесната селекција на овој престижен избор?
Хана: Повторно, голема чест е, и од аспект на организацијата, жирито и друштвото на книги во кое се најде „Илина“. Иако наградувања (и влегување во потесни кругови) на креативни трудови е пипава – и субјективна – работа, не можам да речам дека не годи.
Како мислите дека оваа номинација ќе влијае врз вашата кариера како писател?
Хана: Тоа времето ќе си го каже. Добро е човек да научи да не навлегува во нештата со премногу очекувања – така се обременува и себеси и другите. Најубаво е да дозволиме клопчињата сами да се одмотаат и да не’ изненадат со што и да кријат внатре.
Топ 3 книги со тематики поддржани од книжевниот избор Штефица Цвек:
Хана: Први три кои ми паѓаат на ум се:
1. Олга Токарчук – Терај си го плугот по коските на мртвите
2. Урсула Ле Гвин – Левата рака на темнината
3. (Плот твист) Жан Пол Сартр – Добата на разумот
Од предложените 153 книги жирито за првата селекција издвоија 27 наслови од разни жанрови кои продолжуваат во вториот круг на читање.