Гузоњин син vs. Генерација З

Во 1989 година Забрањено пушење го издава легендарниот албум Мали приказни за големата љубов. Како и претходните три албуми на сараевската група, Мали приказни за големата љубов е прецизен пресек на состојбите во тогашното измрцварено југословенско општество, збирка од десет приказни за љубовта, дрогата, поделбите и злокобно предвидување на крвопролевањето кое започна некоја година по објавувањето на албумот.

Neće ovo, djeco, na dobro poći
Jer sve ide unatrag
Živimo u plemenima ko Apači
A gde ćemo, djeco, i ja i vi
Nama srce kuca za sve njih

Кањонот на Дрина и На стража покрај Призрен несомнено го најавуваат она што следи, војната која се подготвува и ужасите кои идат со неа. Но, војната заврши и да се надеваме дека никогаш нема да се повтори. Она што остана како тешка мака на сите (речиси) поранешни југословенски братско-едински републики е опеано во најголемиот хит од овој албум на Забрањено пушење – Гузоњин син.

Jede se kavijar, pije se džin
Ima se para, ima se s čim
Ponekad trava, nikad heroin
Jer ja sam guzonjin sin
U školu me vozi samo auto pravo
Sa mnogim sam pjevačicama spavô
Sa sobom nosim svoj mali karabin
Jer ja sam guzonjin sin.

Во тоа време во социјалистичка Југославија веќе постоеше една посебна, класа за себе – директори, функционери, буџи… Класа која живееше неколку скалила подобро од работниот народ, класа која „ги држеше“ разните партиски комитети и големите „самоуправни“ фирми. Возеа подобри коли, носеа подобри фармерки, најдобро знаеја каде сè може да те однесе југословенскиот пасош – затоа што имаа пари да патуваат подалеку од „наше море“.

Тогаш се создаде онаа супкултура која е опеана во Гузоњин син. Млади кои почнаа во секоја прилика да се силат со: „знаеш ли кој ми е татко, бе!?“- неретко и на дотогаш недопирливите припадници на милицијата. Се „кинеа казни“, се простуваа инциденти, се заташкуваа тепачки…

Војната заврши. Крвава и грозна, но сепак заврши.

Она што остана е онаа „знаеш ли кој ми е татко“ класа. Продолжи да постои и да се развива буџованска, бизнис и политичка класа на моќници недопирливи за законот и незасегнати од било какви етички норми. Фирмите кои ги имаат повеќе не се „самоуправни“ претпријатија, туку приватни. Но, спрегата која тие фирми и нивните сопственици ја имаат со државата е веројатно и поголема од таа што ја имаа општествените претпријатија со социјалистичката држава, а влијанието на политичките и државни функциониери е сигурно поголемо од она на некогашните членови на комитетите на Социјалистичкиот сојуз или Сојузот на комунистите.

Во нивни раце се ресурсите, тие ги имаат врските, ги знаат судиите, ги земаат тендерите, им се силат на полицајците, ги убиваат мечките и газат луѓе по улици. Им се може.

Овој баук кој надвиснал над Балканот, во Македонија е навлезен во крвотокот на општеството, ја разорува државата. Страшен паразит кој уништува дел по дел од домаќинот во кој е населен, ја цица иднината од нашата временска рамка. Најтрагично од сѐ оваа класа, оваа корупциска аристократија, низ текот на годините успеа да наметне впечаток дека тоа е едноставно  природниот тек на работите. Наметнаа чувство на беспомошност и залудност кај оние што немаат (врски, пари, партија позади себе). Корупциската аристократија се стреми да создаде нови кметови, нови закрепостени аргати кои ќе работат во нивна служба и ќе молчат.

Сепак, има нови генерации слободни деца. Неоптоварени од тоа што било пред нив, а опремени за ултра брза комуникација на социјалните мрежи и онлајн канали за комуникација. Нови генерации кои со еден „мим“ или „гиф“ пренесуваат томови и томови пораки во реално време. Не ги интересираат стравовите на постарите и кога нешто не чини – креваат глас. Креативни и без инхибиции, се водат од прилично класични вредности и мотиви како емпатија, солидарност, правичност…

Генерацијата З прекинува да „гние во кревет“ по цел ден и почнува да се бунтува. „Има многу деца на кои им се протестира“ – ми вели еден од нив, со некоја насмевка на лицето која ние повозрасните сè уште не знаеме да ја протолкуваме. Насмевка која ја имаат и младите во Белград и Нови Сад. Не се тоа лица во грч, ни лица на кои се чита омраза. Едноставно не сакаат да ги гази и млатретира некој гузоњин син и не планираат да го толерираат тоа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни