Гувернерот на Француската централна банка ненадејно поднесе оставка – наследникот ќе го избере Макрон

Гувернерот на Француската банка Франсоа Вилероа де Гало најави предвремена оставка, отворајќи му простор на претседателот Макрон да го избере неговиот наследник во чувствителен политички момент

Гувернерот на Француската централна банка, Франсоа Вилероа де Гало, неочекувано најави дека ќе поднесе предвремена оставка, која ќе стапи на сила во јуни оваа година, објави „Еуроњуз“. Аналитичарите оценуваат дека тајмингот на одлуката е внимателно пресметан и има за цел да се обезбеди континуитет во раководството на институцијата.

Вилероа де Гало заминува околу 18 месеци пред истекот на неговиот втор мандат, кој требаше да заврши во октомври 2027 година. Со оваа одлука, изборот на неговиот наследник преминува во рацете на актуелниот француски претседател Емануел Макрон.

Доколку гувернерот го одработеше мандатот до крај, именувањето на новиот челник на Француската банка ќе зависеше од победникот на претседателските избори во април 2027 година. Актуелните анкети, пак, укажуваат на можност за јакнење на кандидатите од крајната десница.

Иако како официјална причина за оставката се наведуваат лични мотиви – преземање на раководството на хуманитарната организација Fondation Apprentis d’Auteuil, која работи со ранлива младина – многумина сметаат дека одлуката има јасна политичко-стратегиска димензија.

„Нешто повеќе од една година пред истекот на мојот втор мандат, сметам дека го исполнив клучниот дел од мојата мисија“, наведе Вилероа де Гало во соопштението за јавноста. Во писмо до вработените во Банката, тој призна дека одлуката може да биде изненадување, по речиси 11 години на чело на институцијата.

Оставка во момент на финансиска стабилизација

Оставката доаѓа во период на релативна политичка и финансиска стабилност во Франција. По долг политички застој и пад на неколку влади, премиерот Себастијан Лекорну на почетокот на месецов успеа да го протурка буџетот за 2026 година.

Во текот на доцната 2025 година, неможноста да се усвои буџетот ги вознемири финансиските пазари, при што премијата за ризик на францускиот долг достигна највисоки нивоа во последните години. Со чекањето на финализирањето на буџетот, Вилероа де Гало настојувал неговото заминување да не предизвика нова пазарна нестабилност.

Со ова, претседателот Макрон добива можност да именува наследник кој најверојатно ќе биде усогласен со неговата проевропска и центристичка економска визија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни