Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, повторно повика на итен прекин на огнот во Појасот Газа, ослободување на заложниците и „непопречен хуманитарен пристап“ до палестинските територии.
„Повторно повикувам на итно и безусловно ослободување на сите заложници, непречен хуманитарен пристап и итен прекин на непријателствата,“ изјави Гутереш на прес-конференција во Берлин, додавајќи дека „нова масовна воена интервенција на израелската армија нема да го реши проблемот“.
Гутереш исто така повика и на итен прекин на огнот во Украина, со цел постигнување на „праведен мир“, во пресрет на руско-украинските преговори што треба да се одржат утре во Истанбул.
Настапувајќи заедно со германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на ОН изјави:
„Примирјето би го отворило патот за праведен мир заснован врз Повелбата на ОН и меѓународното право, вклучително и почитување на територијалниот интегритет на Украина.“