Густата магла го блокира аеродромот во Скопје: Сите утрински летови откажани, авионите пренасочени во соседни земји

Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на аеродромот, а патниците можат да се информираат и преку 24/7 телефонската линија: +389 2 3148 333.

Поради густа магла на Меѓународниот аеродром Скопје, утрово се откажани сите утрински летови на авиокомпанијата „Визер“. Авионите од база во Скопје не можеле да се вратат дома по ноќните летови, па полетувањата кон Дортмунд, Брисел, Париз, Љубљана, Базел, Меминген и Венеција биле откажани.

Откажани се и летот кон Загреб на „Кроација ерлајнс“, како и летот кон Истанбул на „Туркиш ерлајнс“.

Авионите се пренасочуваат

Во моментов на аеродромот нема ниту еден авион. Сите шест авиони на „Визер“ биле пренасочени кон аеродромите во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид. Екипажите утрово патуваат кон овие градови за да ги пренесат патниците назад кон Скопје, кога временските услови ќе дозволат.

Вчера на аеродромот успеале да слетаат само три авиони, кои подоцна полетале, додека другите биле принудени да пренасочат. Видливоста на пистата паднала на помалку од 100 метри, значително под стандардите за безбедно слетување.

Аеродромот подготвен за патниците

Од Меѓународниот аеродром Скопје уверуваат дека аеродромот е постојано отворен и дека персоналот е подготвен да ги услужи патниците и авионот, без разлика на временските услови.

Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на аеродромот, а патниците можат да се информираат и преку 24/7 телефонската линија: +389 2 3148 333.

Според УХМР, во Скопје се очекува променливо облачно време со појава на магла и во наредните три дена, што може дополнително да влијае на сообраќајот и полетувањата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни