ГС на ОН избра нови непостојани членки на Советот за безбедност

Генералното собрание на ОН денеска ги избра Бахреин, Колумбија, Демократска Република Конго, Летонија и Либерија за непостојани членки на Советот за безбедност, со двегодишен мандат кој почнува на 1 јануари 2026 година.

Советот за безбедност е единствениот орган на ОН кој може да донесува правно обврзувачки одлуки, како што се воведување санкции и овластување за употреба на сила.

Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД се постојани земји членки и имаат право на вето.

Советот за безбедност, исто така, има 10 непостојани земји членки кои се избираат за двегодишен мандат. Секоја година се менуваат по пет непостојани земји членки, па сега Бахреин, Колумбија, Демократска Република Конго, Летонија и Либерија ќе ги заменат Алжир, Сиера Леоне, Јужна Кореја, Гвајана и Словенија.

За да се обезбеди географска застапеност, местата се поделени на регионални групи. Но, дури и кандидатите да немаат ривали во својата група, тие сепак мора да добијат поддршка од повеќе од две третини од членовите на Генералното собрание.

На денешното гласање, Бахреин доби 186 гласа, Демократска Република Конго – 183, Либерија – 181, Колумбија – 180, а Летонија – 178.

Генералното собрание вчера ја избра поранешната германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, за претседателка на 193-члениот орган. Бербок треба официјално да стапи на должност на 9 септември, непосредно пред 80-та сесија на Генералното собрание на ОН.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни