Грузиските власти минатата година користеле токсична хемиска супстанца, која датира од Првата светска војна, за да ги растераат демонстрантите кои протестираа против одлуката на владата да се повлече од преговорите за пристапување во Европската унија. Ова го покажуваат нови докази до кои дојде BBC преку опсежна истрага. Според медиумот, многу учесници во протестите во Тбилиси подоцна развиле долготрајни симптоми, за кои стручњаците сметаат дека најверојатно се поврзани со изложување на хемикалијата позната под називот „кaмит“.
Симптоми што траеле со недели
„Чувствував како да ме пече водата“, изјавува еден учесник на протестите, опишувајќи го ударот од водениот топ. Многу демонстранти пријавиле дополнителни здравствени реакции: недостаток на воздух, кашлица, мачнина и повраќање – кои траеле со недели, а во некои случаи и подолго.
Педијатарот д-р Константине Чахунашвили, кој исто така учествувал во протестите, спровел анкета меѓу демонстрантите. Од речиси 350 испитаници, повеќе од половината изјавиле дека имале еден или повеќе симптоми што траеле над 30 дена.
Дополнително, неговата студија веќе прифатена за објавување во списанието Toxicology Reports, открила „значително поголем ризик од срцеви неправилности“ кај 69 испитани лица.
Овие наоди ги засилија сомнежите на локалните новинари и организации за човекови права дека водените топови не содржеле само вода, туку биле измешани со непозната хемиска супстанца. Министерството за внатрешни работи одбило да открие за какво средство станува збор.
Поранешни полицајци ја откриваат хемикалијата
BBC дошол до информации благодарение на сведочења од неколку високи поранешни припадници на грузиската интервенциска полиција. Еден од нив, Лаша Шергелашвили, поранешен раководител на одделот за вооружување, изјавил дека сумнителната супстанца е истиот хемиски агенс што го тестирал за употреба во водени топови уште во 2009 година.
Според него, ефектите биле „драматично различни“ од оние на традиционалниот солзавец: „Забележавме дека ефектите не исчезнуваа. Дури и по миење со вода и специјални раствори, сè уште не можевме непречено да дишеме.“
Тој препорачал супстанцата да не се користи, но тврди дека водените топови сепак биле наполнети со неа, и тоа најмалку до 2022 година, кога поднел оставка. Гледајќи ги снимките од протестите во 2024 година, веднаш посомневал дека демонстрантите биле изложени на истиот агенс. Неговите сомнежи биле, како што тврди, потврдени и од колеги кои сè уште работат во службата.
Неговата изјава ја потврдил и друг поранешен високорангиран полициски службеник.
Контекст: Грузија, протестите и односите со ЕУ
Протестите во Тбилиси избувнаа како реакција на одлуката на грузиската влада да се повлече од клучни чекори во процесот на евроинтеграции, што многумина го доживеаа како оддалечување од европските демократски стандарди. Демонстрациите траеа со недели, со масовни собири пред парламентот и повици до владата да го продолжи евроинтеграцискиот пат.
Во овој период, домашните и меѓународните организации за човекови права предупредија на зголемена употреба на сила и ограничување на правото на протест.
Молкот на институциите и отворени прашања
И покрај бројните барања, Министерството за внатрешни работи на Грузија не соопшти која хемикалија била користена. Не е објавен ниту официјален токсиколошки извештај, ниту анализа на материјалите што биле во водените топови.
Организациите за човекови права бараат целосна, независна истрага, особено поради медицинските наоди што укажуваат на долготрајно влијание врз здравјето. Неколку локални медиуми истакнаа дека прикривањето на податоци дополнително го нарушува довербата во институциите.
Меѓународната заедница засега внимателно го следи случајот, а Европската унија побара „целосна транспарентност“, со оглед дека употребата на токсични средства против демонстранти е спротивна на европските стандарди и конвенции за човекови права.
