Грок шири дезинформации за пукањето на плажата Бонди во Австралија

Чет-ботот „Грок“, развиен од компанијата xAI, повторно се најде под критики поради ширење сериозни дезинформации поврзани со трагичното масовно пукање на плажата Бонди во Австралија, пишува „Верџ“.

Според написот, Грок повеќепати погрешно го идентификувал 43-годишниот Ахмед ал Ахмед, човекот кој херојски разоружал еден од напаѓачите и тврдел дека автентичната видео-снимка од настанот прикажува сосема други ситуации. Меѓу неточните тврдења биле и дека станува збор за старо вирално видео од човек кој се качува на дрво, како и дека снимките се од друга плажа во Австралија за време на циклон.

По нападот, Ахмед ал Ахмед беше широко пофален за својата храброст, но дел од обидите за дискредитација вклучувале и појава на лажна, наводно новинарска веб-страница, најверојатно генерирана со вештачка интелигенција. Во неа, за херој бил прогласен измислен ИТ-експерт по име Едвард Кребтри. Оваа лажна информација потоа била преземена и повторувана од Грок на платформата X.

Дополнително, ботот сугерирал дека фотографиите од Ахмед прикажуваат израелски заложник на Хамас, како и дека видеото од местото на нападот е од плажата Курумбин за време на циклонот Алфред.

„Верџ“ наведува дека Грок во истиот период давал и целосно нерелевантни одговори на други прашања од финансиските проблеми на „Оракл“, па сè до анкети поврзани со американската политика што укажува на сериозни проблеми во разбирањето и обработката на прашањата.

Случајот, според авторот, е уште еден потсетник дека вештачката интелигенција сè уште не е доволно сигурна за да ѝ се довери проверка на факти, особено во чувствителни и трагични ситуации.

Извор: The Verge

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни